Интервју со велосипедистката Дуња Иванова: Сите посакуваме ѕвезди, светски медалисти, но тие не паѓаат од небо, неопходно е да се изоди пат, да се искачат постапни скалила, доследно и посветено, наспорти ад хок идеи и решенија кои се со краток рок на траење

Дуња Иванова е нашата најтрофејна велосипедистка, член на Велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје. Воедно е доктор на науки и професор по пијано. За натпреварите, успесите и она што следи, поразговаравме со Дуња, а вие уживајте во интервјуто подолу.

Кога се роди љубовта кон велосипедизмот и зошто одлучивте да се занимавате со овој спорт?


  • Велосипедот е моето превозно средство уште од најраното детство. Речиси целиот живот токму тие две тркала биле мојот модус за рекреација. Сепак, велосипедските натпревари претставуваат едно сосема друго ниво и кон нив се приклучив благодарение на моите пријатели од Велосипедскиот клуб Енерџи. Со нивниот поттик на почетокот, а последниве години и преку прецизен и доследен тренинг план, учество на домашни и меѓународни натпревари, бројни подиуми и успеси велосипедизмот како спорт стана дел од мене и моето секојдневие идентификувајќи ме и како дел од Велосипедската федерација на Македонија, како национална првенка и репрезентативка.

Кога почнавте да се натпреварувате и кое е вашето најзначајно достигнување во велосипедизмот досега?


  • Ова е моја четврта натпреварувачка сезона. Успеси има многу, пред се’ во насока на уривање на многубројни бариери во женскиот спорт и отворање на нови храбри приказни заедно со ВК Енерџи. Сепак, во оваа сезона која веќе е при крајот, се случија моите најсилни натпреварувачки настапи во рамките на посебно сериозни меѓународни натпревари кои го носат амблемот на Светската федерација – УЦИ. Пласманите во Шпанија, Грција, Германија, Италија, Данска и победата на маратонот во Србија, за мене и мојот тим заокружија исклучителна и успешна сезона која веќе ги најавува предизвиците кои не’ очекуваат во 2025 година.

Се натпреварувате во дисциплините хронометар, планински и друмски велосипедизам, вело крос….. која е дисциплината што најмногу „ви лежи“?

  • Сум учествувала во натпревари во речиси сите вело дисциплини и исто така сум била носител на националната титула во сите горенаведени, сепак, планинскиот велосипедизам е она со што јас се идентификувам. Таа бескрајна игра на откривање нови патеки во прегратките на планината, совладување на адреналински предизвици, тренирање на техника која бара голема посветеност наспорти сурови тренинзи е нешто што ми ги буди пеперутките во стомакот секое утро.


Каква се опрема треба да поседува еден професионален велосипедист за да може да постигне добри резултати и колку Велосипедската федерација на Македонија и државата се ангажираат и помагаат?

  • Покрај спортските предиспозиции, дисциплината, доследноста, исхраната, сонот, опремата секако е исклучително важна алка во целиот процес. Од велосипедот до сета негова придружна опрема, индикаторите неопходни за тренинг, специфична облека, кациги, патики, алатки за опоравување, суплементација и слично, сите играат улога во процесот кон прогрес и финални резултати. Сепак, за да стане збор за професионалност која ја гледаме кај велоспедистите од западниот свет на пример, потребни се уште многу промени, концепт, стратегија на долгорочно ниво. Јас не заработувам од спортот па оттаму и не можам да се дефинирам како професионален велосипедист и покрај тоа што целиот пристап кој го градиме со мојот тим е на исклучително високо ниво.
    Она на што сум посебно горда е што заедно со ВК Енерџи изминативе неколку години, успеваме да го анимираме приватниот сектор и нивната социјално одговорна компонента. Ги мотивиравме компаниите да се приклучат кон нашите храбри подвизи и без воопшто да бараме државна финансиска поддршка еве конкретно со натпреварот на ЕУ првенството, го одведовме македонскиот женски спорт на елитната меѓународна сцена. Целта е да им покажеме на овие млади девојчиња и момчиња кои штотуку влегуваат во спортските води, дека нивното место е токму таму, помеѓу елитата. Да им порачаме дека со иницијативите на нивните матични клубови, нивните тренери и поддржувачи и во соработка и со поттик на Федерациите, да истраат на тој долг и макотрпен пат кон високи спортски дострели. Не сум сигурна колку Федерацијата самостојно е финансиски моќна да инвестира во своите натпреварувачи, но сигурна сум, дека со еден фер и искрен однос, како кон семејство кое се грижи за сите свои членови, клубовите и Федерацијата можат заеднички да успеат кон реализација на многубројни подвизи и континуиран напредок кој ќе ги промовира националните интереси.

Каде и како се подготвувате и тренирате за натпреварите кои ви претстојат?

  • Тренирам секој ден според претходно подготвен план кој го добивам од мојот тренер Љубиша Кондев. Најчесто, тренизите се одвиваат на патеките на Водно затоа што се погодни за се’ она што го бара планинскиот велосипедизам. Во зимскиот период последниве две години заминувам на подготовки во Турција бидејќи таму има совршени услови за тренинг па успевам да направам еден блок додека тука е студено. Уште една опција во екстремни услови е и тренажерот во затворен простор, а како неизоставен дел од целокупниот план се и функционалните кондициони тренинзи кои за мене ги подготвува Огнен Бражански.

Минатата година настапивте на светското првенство во велосипедизам во Глазгов како прва девојка од Македонија. Какви искуства и впечатоци носите од едно вакво натпреварување?

  • Искуството од Глазгов, а всушност и секое друго натпреварување кога се соочувате со екстремно силна конкуренција, е нешто кое несомнено ве води напред. Она што може да го научиме за време на една трка, не се учи од ниту една теорија. Глазгов за мене и за мојот тим беше предизвик кон кој тргнавме со мисла дека ќе најдеме начин да ја однесеме Македонија на стартната линија меѓу најсилните во светот, и успеавме. Оттаму, за нас се отворија нови можности и перспективи за продлабочување на нашите иницијативи и реализација на уште посериозни подвизи.

Дали имате некој велосипедист/ка на кој се угледувате или ви е омилен?

  • Немам идоли ако ме прашувате во таа насока. Се восхитувам на сето она што имав можност за многу кратко време да го научам од дечките од ВК Енерџи. Лекции кои ми заштедија многу години и труд. Но еве, сепак, помеѓу ѕвездите на МТБ сцената, ме фасцинира зрелоста и сталоженоста во перформансот на французинката Pauline Ferrand-Prevot.

Многу настапи и успеси оваа година, Шампион на Македонија, Европско првенство во планински велосипедизам -маратон во Данска, прво место во планински велосипедизам – маратон на трката во Србија, настапите во Германија, Грција, Шпанија и Италија?

  • Да, убава, мирна и успешна сезона. Прва во редот на толкубројни извозени МТБ маратони и иницијална кон уште посериозните настапи кои не’ очекуваат во 2025та.

Колку има интерес за овој спорт особено кај девојките? Вашето мислење за велосипедизмот како спорт во Македонија? Што недостасува, и што треба да се направи за да се популаризира овој спорт кај нас?

  • Интересот за велосипедизмот на општо задоволство, расте. Сепак, сеуште во рамките на рекреативниот дел што е навистина одлично и евидентно е дека ги мотивира луѓето да ги променат своите животни навики, да се грижат за сопствено здравје и здравјето на своите деца. Оној натпреварувачки дел е нешто што бара исклучителна енергија, менаџирање на времето, активно посветување кон тренинзи и строги навики. Не сметам дека е неопходна масовност во овој дел, туку квалитет кој ќе истрае. Во ВФМ во моментов имаме наколку доста млади девојчиња кои се дел од официјалните натпревари и кои се искра светлина на патот кој го одиме во име на женскиот спорт. Посакувам заеднички да истраеме и да мотивираме и други да се охрабрат и да станат дел од адреналинската сцена.

Покрај велосипедизмот, Вие сте и пијанистка, доктор на науки, наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и авторка на неколку книги. Како одржувате баланс помеѓу спортот, професионалните обврски и приватниот живот?

  • Се’ што правам во животот е со многу силна волја и од срце. Му се радувам на утрото и на денот како на нова непрочитана книга. Едноставно е кога дисциплината ќе стане рутина и секако кога ја имате поддршката од луѓето што ви значат.

Дали токму возењето велосипед ви помага да одржите рамнотежа помеѓу работата и животот и ви помага да се ослободите од стресот?

  • Точно, и не само тоа. Велосипедот ме полни се дополнителна енергија па после тренингот подготвена сум за предизвиците кои ги носи денот и животот.

Дали според вас би требало многу повеќе да се ангажираме и посветиме на спортот, како поединците така и институциите, со цел да придонесеме кон создавање на поздрави генерации младинци?

  • Спортот, па и секоја друга област од која посакуваме врвни резултати, се темели на традиција и на цврст систем од идеи и вредности кои функционираат во пракса а не само на хартија. Сите посакуваме ѕвезди, светски медалисти, но тие не паѓаат од небо. Неопходно е да се изоди пат, да се искачат постапни скалила, доследно и посветено, наспорти ад хок идеи и решенија кои се со краток рок на траење. Во западниот свет, децата се ,,регрутираат” според својот потенцијал уште од најраното детство и за оние ,,избраните” т.н. обичен живот завршува. Системот од нив умее да направи исклучителни спортисти и натпреварувачи чии дострели ја пишуваат историјата. Од некаде мора да се почне, мора да се ,,игра на терен” зашто мудрувањето преку тастатура никого не однело на пиедестал. Спортот е благодет за секој човек, со сите вредности кои произлегуваат од тоа да се биде одговорен, посветен, доследен кон некоја идеја. И не само заради постигнување на спортски резултати туку заради односот кон себе, кон животот, кон општеството.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОВА ГО ПРАВИМЕ СЕКОЈ ДЕН А МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ДЕМЕНЦИЈА: Оваа навика не уништува!

Не сме ни свесни дека навиката што често ја правиме го зголемува ризикот од деменција …