The Mole Pack на UNDERFEST – Бенд кој никого не остава рамнодушни!

Фестивалот со својата свирка  ќе „го затвори’  – The Mole Pack – кои настапуваат во недела околу 23. часот.Но, кои се тие момци?

Нов бран на музички креации е во подем од новосоздадениот авторски бенд “The Mole Pack”. Бендот  својот прв албум “Gambling Man” кој е инспириран од прогресивната блуз-рок сцена од доцните 1960-ти и раните 1970-ти години го објави во август минатата година. Албумот се состои од девет песни во кои покрај блуз и рок има доза на фанк, соул, па дури и малку кантри влијание.


‘Рбетот на бендот се состои од: Димитар Даневски (ритам и соло гитара), Александар Георѓиески (вокал и усна хармоника) Теодор Бошков (бас гитара) и Глигор “Гишо” Динев (тапани). Пријатели и музичари кои имаат значајна улога и го комплетираат чопорот се: Дарко Стојоски (ритам и соло гитара), Златко Андријевски (ритам и соло гитара), Бранко Сапламаев (клавијатура), Влатко Сапламаев (клавијатура) и други блиски пријатели.


Имено, името на бендот има пошироко значење и цел. Кртот (mole) е животно кое e речиси слепо. Недостигот на вид го компензира потпирајќи се на неговите чувства, инстинкти, и интуиција. Преку аналогија, членовите на бендот мислат дека луѓето би требалo повеќе да им веруваат на нивните чувства, односно слушање на своето “внатрешно јас”, со цел да го збогатат сопствениот дух и да се задoволат сопствените интереси и желби без страв од неуспех. Следењето на интуицијата и инстинктите би можеле да помогнат во излегување од секојдневната рутина на модерниот живот.

Без разлика дали се работи за интерес за музика, филм, било која форма на уметност, било која форма на наука или филозофија, или било каков интерес во животот – бендот повикува да “копаме” по она што навистина го сакаме. „Дружете се, сакајте се, и слушајте добра музика. Се надеваме дека ние ќе ви помогнеме во тоа” – велат “кртовите.”


Бендот неодамна го објави својот прв сингл и во истиот може да се ужива на следниов линк:

„Задоволни сме бидејќи успеавме да собереме голем број на луѓе кои со внимание го проследија нашиот настап. Секогаш музичарот е среќен кога успева да добие внимание и емоција од публиката, тоа беше случај на нашиот промотивен концерт и сметаме дека тоа е најголемата придобивка што еден музичар може да ја има. По нивните реакции ќе се осмелиме да заклучиме дека на публиката и се допадна музиката, што дополнително не радува и ни дава храброст да продолжиме да сонуваме“, додаваат членовите на овој бенд.

„Фестивалот UNDERFEST годинава за првпат се одржува и секако дека ни е драго што  нашата музика допре до организаторите , а воедно добивме и покана да настапиме ревијално, но нека пресуди секој за себе дали сме квалитетен бенд. Ние само знаеме дека секогаш внесуваме љубов и емоција во нашето свирење. Ќе се потрудиме да биде тоа така на нашиот настап на фестивалот“, велат момците од The Mole Pack.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Рецитал на Ина Иванова -флејта

Повелете на концерт за уживање на Ина Иванова -флејта во класа на проф.м-р Елена Мирасчиева …