Денес роденден прославува нашиот познат оперски пејач Благој Нацоски

Благој Нацоски е роден на 18 мај 1979 година во Скопје. Тој е познат македонски оперски пејач (тенор). Нацоски е најафирмираниот македонски оперски пејач во светот. Живее и работи во Италија.

Уште од најрана возраст, тој покажувал особен талент и афинитети кон музиката. Пеењето започнал да го изучува со својата мајка Лидија Нацоска, а потоа се запишал во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на професорката Марија Николовска. По завршувањето на средното образование, Нацоски заминал за Рим, каде својот глас го школувал со светски познатите уметници и педагози Мирела Паруто и Антонио Боаје. Во 2003 година дипломирал на Конзерваториумот „Личинио Рефиче“ во Фрозиноне, Италија. Својата вокална техника ја усовршувал со Ана Ванди во Рим, потоа со специјалистот за Росиниевиот тенорски репертоар, Раул Хименес во Барселона и со Силвија Боса, во Фиренца.


За време на школувањето во Италија, Нацоски остварил богата концертна дејност во Македонија и во Италија: Во јануари 2000, со оркестарот и хорот „Жоскен Д’Пре“ го извел делото „Te Deum“ на М.А. Шарпентјер во Фрозиноне. Во септември 2000, испеал пет улоги во светската премиера на ораториумот „Trittico Dantesco“ од Бернардино Рици (на текст на „Божествената комедија“ на Данте Алигиери), изведен во базиликите во Падова и Аквилеја. Снимка од премиерата била пренесувана од RAISAT. Во мај 2001, Нацоски зел учество во инаугурирањето на новиот Конзерваториум „Л. Рефиче“ во Фрозиноне, со гала оперска вечер, посветена на Џузепе Верди. Во октомври 2001, на фестивалот „Интерфест Битола“ одржал гала концерт посветен на Џузепе Верди, по повод 100-годишнината од неговата смрт. Во периодот мај/јуни 2002, Нацоски го извел Росиниевиот ‘„Stabat Mater“ во базиликите во Лацио.

Во февруари 2003, Благој Нацоски настапил на сцената на Римската опера (Teatro dell’Opera di Roma), што всушност претставувало негово деби на оперската сцена. Притоа, тој ја исполнувал улогата на Артуро во операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети, под диригентската палка на Маестро Даниел Орен и во режија на Греам Вик. Оттогаш, неговата кариера започнала брзо се шири низ целиот свет. Во јуни 2003, тој настапил на престижниот оперски фестивал во Мишколц, Унгарија, пеејќи ја улогата на Дон Отавио во Моцартовиот „Дон Џовани“, заедно со Ренато Брузон во насловната улога. Потоа, следела серија на успешни концерти во Франција посветени на барокната музика, односно на Клаудио Монтеверди, заедно со барокните мајстори Миреј Подер и Жан-Лук Импе, меѓу другото и професори на „Сорбона“ во Париз и на конзерваториумите во Ница и во Брисел.


Во јануари 2004, Нацоски ја пеел улогата на Алфред во Вердиевата „Травијата“, во најпрестижниот театар во Јапонија – Токио Бунка Каикан. Во јуни 2004, повторно го играл Артуро во „Лучија од Ламермур“, и тоа во Каљари, со Мариела Девиа во насловната улога. Исто така, тој бил солист на изведбата на IX Симфонија од Бетовен, со Македонската и Софиската филхармонија, а по повод нивните јубилеи (60 и 75 години), одржана во НДК Софија, под диригентство на Маестро Саша Николовски – Ѓумар. Во периодот октомври-декември 2004, Нацоски ја играл улогата на Ферандо во операта „Така прават сите жени“ од Моцарт, во Клагенфурт, Австрија, каде целиот австриски печат го наградил со најдобри критики. Потоа, повторно настапил во Каљари, каде, покрај Руџеро Раимонди во насловната улога, ја играл улогата на Дон Отавио во историската постановка на Џорџо Стрелер.

На 6 февруари 2005, Нацоски настапил во претседателската палата „Il Quirinale“ во Рим, со концерт посветен на Јоханес Брамс, пренесуван директно на „Радио Раи тре“ и на „Еурорадио“. Во јуни 2005, тој го играл Ернесто во „Дон Пасквале“ од Г. Доницети на Оперскиот фестивал во Мишколц, а веднаш потоа пеел во театарот „Карло Феличе“ во Џенова, настапувајќи во улогата на грофот Алмавива во „Севилскиот берберин“ од Џ. Росини. Во периодот октомври-ноември 2005, Нацоски настапувал во улогата на Дон Отавио во новата продукција на операта „Дон Џовани“ на театарот „Карло Феличе“ во Џенова, режирана од Давиде Ливермор, како и во улогата на Ферандо во „Така прават сите“, поставена во истиот театар, во режија на Михаел Хампе.


Во јануари-февруари 2006, Нацоски повторно го играл Ферандо, и тоа во Циришката опера, во постановката на Јурген Флим. Потоа, дебитирал во насловната улога во операта „Сонот на Скипион“ од Моцарт, поставена во Градскиот театар на Клагенфурт, улога во која настапил и на Салцбуршкиот фестивал. Во меѓувреме, повторно го играл Ферандо во Државната опера од Штутгарт. Во септември 2006, Нацоски дебитирал во улогата на Белмонте во операта „Грабнување од сарајот“ во Кралската опера во Брисел. Во периодот декември 2006 – јануари 2007, Нацоски настапувал во улогата на Бригела во операта „Аријадна на Наксос“ од Рихард Штраус, во Циришката опера. Во првата половина на 2007, Нацоски имал повеќе настапи: најпрвин пеел во Франкфурт, настапувајќи како Тамино во „Волшебната флејта“, во Парма; го играл Касио во Вердиевиот „Отело“; потоа настапил во Скопје, на отворањето на „Мајските оперски вечери“, во улогата на Линдоро, во операта „Италијанка во Алжир“ од Росини; и веднаш потоа во Националната полска опера во Варшава како Алмавива во „Севилскиот бербер“.

На 25 октомври 2014 година, во театарот „Верди“ во Трст била одржана премиерата на операта на Моцарт „Кралот пастор“, во која Нацоски го играл ликот на Александар Македонски, а во режија на Елизабета Бруса.

Добитник е на бројни награди и признанија:

1995 – Прва награда, Македонски национален натпревар по музика
1997 – Специјална награда (Апсолутен победник) Македонскиот национален натпревар по музика
2000 – Сребрене плакета од „Accademia Filarmonica di Messina“
2002 – Втора награда, Меѓународен натпревар по пеење во Пескара, организиран од Rotary International
2002 – Трета награда и награда за најмлад финалист, Меѓународен натпревар за оперски пејачи до 38 години, Алкамо
2002 – Прва награда, Меѓународен натпревар на фондацијата „Борис Христов“, Рим
2003 – Специјална награда, Меѓународен натпревар „Спирос Аригирис“, Сарѕана
2003 – Награда „Пјерлуиџи Дамјани“ како студент на годината, од Синдикатот на уметниците на Италија.

Од 2008 година, Нацоски е македонски амбасадор на културата во Италија. Во октомври 2014 година, Нацоски добил големо признание со тоа што бил вклучен во регистерот на италијанското министерство за надворешни работи на лицата кои ја шират италијанската култура и италијанскиот јазик во светот.

Среќен роденден Благој ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Доделување на наградите „Гласник на невидливите“ за 2024

Денес во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 19:30 часот, во организација на Македонска …