„Имам осум години, не сум вооружена и немам ништо со што би ве повредила“, се зборовите што осумгодишната Афроамериканка ги научила од нејзините родители во случај да се најде во ситуација во која би учествувала полиција.
Таа ги изговорува држејќи ги рацете во воздух и за да дополнително покаже дека не претставува закана.
Ова го открил нејзиниот татко во интервју за Cut пред три години на тема како Афроамериканците ги учат своите деца како да се соочат со полицијата во случај на потреба. „Тоа е нешто што го вежбаме во нашата куќа“, открил таткото на осумгодишното девојче.
Токму полицаец му пресуди на Афроамериканецот Џорџ Флојд чија смрт предизвика масовни протести што се одвиваат во таа земја.
„Поради некоја причина, црнците отсекогаш биле мета на полицијата“, додава друг татко кој учествувал во снимањето за Cut. „Пред да станат полицајци, овие луѓе беа само луѓе. Луѓе кои со себе ги донесоа сите свои идеи, мислења и предрасуди на работа“, им објаснува друга Афроамериканка на своите деца пред камерата.
„Зошто некој полицаец би заклучил дека сте направиле нешто лошо?“ една мајка ја прашува својата ќерка пред камерата. „Можеби заради бојата на мојата кожа“, во солзи одговара девојчето.
Снимката стара три години била споделена на Инстаграм од Cut пред неколку дена и досега е прегледана повеќе од три милиони пати. Тоа предизвикало бројни реакции.
“Ова ме натера да плачам. Жал ми е, навистина ми е жал”, “Навистина е болно да се види дека во 2020 година треба да ги научиме децата од друга раса како да се однесуваат пред полицајците “, се само некои од коментарите.