Среќен роденден Кире Лазаров !!!

Кирил „Кире“ Лазаров е роден на 10 мај 1980 година во Свети Николе. Тој е македонски ракометен тренер на РК Алкалоид и поранешен ракометар кој последно настапуваше за француската екипа РК Нант, како и за Ракометната репрезентација на Македонија. Лазаров се наоѓа на првото место на списокот на најмногу постигнати голови во рамките на Лигата на шампиони во ракомет, со постигнати 1256 погодоци во 18 сезони, правејќи го еден од најдобрите ракометари во историјата. Лазаров се наоѓа и на првото место во категоријата најмногу постигнати голови на едно Европско првенство, со 61 гола. Со екипата на Барселона ја има освоено Лигата на шампионите.

Дресот со бројот 7, односно цифрата што Лазаров ја има носено во македонската репрезентација и РК Загреб (како и варијации со бројот 17 во РК Нант), е поради југословенскиот и хрватскиот кошаркар Тони Кукоч кој во Лазаровото детство оставил голем белег како успешен спортист.


Лазаров е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои и Спортист на Македонија за 2009, 2014, 2017, 2018 година. Добитник е и на два национални медали за заслуги од претседателот на Македонија Бранко Црвенковски (2009 година) и од претседателот Ѓорѓе Иванов (2011 година), а е прогласен и за Спортски Амбасадор на Македонија.

Лазаров започнал да тренира ракомет уште од најмлади години. На 13 години настапувал во младинската екипа на РК Овче Поле каде тренер му бил неговиот татко и Јанев како тренерски тандем. Неговите квалитети ги демонстрирал на позицијата десно крило, на која играл во првите години од неговата кариера. Во својот матичен клуб се задржал до 1994 година, кога поминал во редовите на РК Борец од Велес, во годината кога овој клуб станал национален првак. По три поминати сезони во младинскиот клуб на Борец, Лазаров потпишал со РК Пелистер од Битола во 1997 година, каде за првпат дебитирал во најсилната македонска лига. Со РК Пелистер станал шампион на Македонија во сезоните 1997-1998 и 1999-2000, го освоил Купот на Македонија во сезоните 1998 и 1999. Лазаров со екипата на Пелистер дебитирал на европските натпреварувања.


Во јуни 2000 година, Лазаров ја започнал својата меѓународна кариера во хрватски Бадел 1862 Загреб. Овде се задржал до 2002 година, и во сезоната 2000-2001 станал шампион на Хрватска и освојувач на Националниот Куп на Хрватска.

Во периодот од 2002 до 2007 година, Кире Лазаров настапувал за екипата на РК Веспрем од Унгарија. Со Веспрем станал пет пати шампион на Унгарија и пет пати освојувач на Националниот Куп на Унгарија. За првпат во редовите на Веспрем постигнал добри резултати и на европско ниво. Така, на двапати со својот тим стигнал до полуфиналето на Лигата на шампионите во ракомет, и станал најдобар стрелец. Во 2006 година бил избран за спортист на Веспрем. Во периодот од 2007 до 2010 година, Лазаров повторно настапувал за РК Загреб, каде станал трипати шампион на Хрватска и трипати освојувач на Националниот Куп на Хрватска. Во сезоната 2007-2008 станал најдобар стрелец во Лигата на шампиони во ракомет со 96 постигнати погодоци, а истото признание го добил и наредната 2008-2009, кога постигнал 93 погодоци. Во сезоната 2009-2010 од Лигата на шампионите, Лазаров постигнал 83 погодоци.


Во 2010 година, Лазаров потпишал за екипата на РК Атлетико Мадрид од Шпанија за сума од 125.000 евра. Со овој тим станал освојувач на ИХФ Супер глоб, трипати освојувач на Националниот Куп на Шпанија, еден пат освојувач на АСОБАЛ Купот. Во сезоната 2011-2012 станал втор најдобар стрелец во Лигата на шампиони во ракомет со 97 постигнати погодоци.

Во 2013 година, Лазаров преминал во „Барселона“, а во јануари 2015 година, медиумите во Хрватска објавиле дека годишната плата на Лазаров во „Барселона“ изнесува 450.000 евра, со што тој станал третиот најплатен ракометар во светот, по Домагој Дувњак и Никола Карабатиќ. Во февруари 2015 година, пред да му истече тековниот договор, Лазаров потпишал нов двегодишен договор со „Барселона“, со трајност до крајот на сезоната 2016/2017.[10] Во првите две сезони поминати во „Барселона“, Лазаров бил најдобар стрелец на клубот во шпанската лига и во Лигата на шампионите. Со овој тим станал двапати освојувач на ИХФ Супер глоб, четири пати национален првак на Шпанија, четири пати освојувач на АСОБАЛ Купот и АСОБАЛ Суперкупот, двапати освојувач на Каталонскиот Суперкуп, како и освојувач на Лигата на шампионите. На крајот од сезоната 2014-2015, целиот тим на „Барселона“ добил место во идеалниот тим на шпанската лига „АСОБАЛ“, а Лазаров бил прогласен за најдобар десен бек во лигата. Регионалниот ракометен портал „Балкан хендбол“ го прогласил Кире Лазаров за најдобар ракометар од овие простори во сезоната 2014-2015. Притоа, Лазаров освоил 29 гласа, со што за еден глас го победил Момир Илиќ, кој бил прогласен за најдобар во 2014 година.

Во 2017 година Лазаров потпишал двегодишен договор со РК Нант, а по една помината сезона, договорот го продолжил до 2021 година .Со екипата на Нант станал својувач на „Трофејот на шампионите”.

Награди и признанија:

  • МВП на ЕХФ Лигата на шампионите 2011/12 според „Планет Хендбол„
  • МВП на Супер Глобе – Доха 2010
  • МВП на ЕХФ Европското првенство – Србија 2012 според „Планет Хендбол„
  • Освојувач на 5 место со Македонија на Европското првенство во Србија 2012 година и најдобар стрелец на првенството со 61 гол на 7 меча
  • Освојувач на 11 место со Македонија на Светското првенство во Хрватска 2009 година и најдобар стрелец на првенството со 92 гола на 9 меча. Овој резултат е најдобро постигање на еден најдобар стрелец во историјата на Светските првенства.
  • Најдобар стрелец на Светското првенство 2017 со 50 гола
  • Првиот ракометар кој станал најдобар стрелец и на Европско и на Светско првенство
  • Најдобар стрелец во европските купови на сите времиња (над 1000 гола)
  • Член на идеалниот тим на францускиот весник „Lequipe„ за најдобрите во Европа за 2012 година
  • Најдобар стрелец на Балканско првенство во 1999 година
  • Спортист на Македонија за 2009 2014, 2017, 2018 годинаprofil33
  • Спортист на Битола за 1999 година
  • Спортист на Веспрем за 2006 година
  • Спортски Амбасадор на Македонија
  • Најдобар странец во првенството на Унгарија во 2005 и 2006 година
  • Единствен македонски ракометар шампион во четири различни земји (Македонија, Хрватска, Унгарија , Шпанија)
  • Единствен македонски ракометар освојувач на националниот Куп во четири различни земји (Македонија, Хрватска, Унгарија, Шпанија)
  • Најмлад македонски сениорски репрезентативец во историјата – 17 години
  • Најмлад македонски ракометер во Европските купови – 15 години и 4 месеци
  • Наградата „Troefeo Powerade“ поради континуитетот во дресот на Барселона.
  • Најуспешен маж во сферата на спортот за 2018 година.

Среќен роденден Кире ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден прославува нашата истакната актерка Јоана Поповска

Јоана Поповска е родена во Битола на 18 јуни 1943 година. Таа е македонска театарска, …