Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи за истражувачка студија посветена на титуларниот ликовен уметник, која излегува по повод јубилејот – сто години од неговото раѓање. Во ова свое најново книжевно дело, Стеванов го обработува животот на Гастон Гамлиел, турбулентното време во кое тој живеел и творел, неговото семејно потекло и опус, а го легитимира во македонската историја на уметност и како пионер во неколку дисциплини на човековата креативна дејност.

Иако родум од Виена, како син првенец во еврејското семејство на Адлер и Елфриде, Гастон Гамлиел поминал најголем дел од животот на македонско тло. Непосредно по раѓањето, во 1924 година со родителите и сестрата се доселил во Скопје, град во кој се стекнал со првите спомени и во кој научил да чита. По безмалку десетгодишен престој во идната македонска престолнина, семејството Гамлиел се враќа назад во Виена, но поради растот на антисемитизмот одново се принудени да се селат. Тие повторно доаѓаат во Скопје, а по кратко спасот од надоаѓачката Втора светска војна го бараат во Битола.


„Преточувајќи го својот талент на хартија, во предвоена Битола Гастон ја користи секоја можност да создаде ново дело. Вооружен со огромниот творечки жар, тој неуморно работи на зголемување на својот опус, кој се состои од цртежи и слики од разновидни жанрови, изработени со различни техники. Покрај со самите дела што ги изработува со искуство на стар мајстор, младиот Гастон успева да се запише во историјата на уметноста во Градот на Конзулите и како пионер во една од тие техники”, пишува Стеванов во воведот кон својата книга.

За време на престојот во Битола, во периодот 1938 – 1940 година, Гастон Гамлиел изработил повеќе автопортрети, портрети на членови на своето семејство и на битолските Евреи, слики на тема мртва природа, како и скици, студии и репродукции, кои се зачувани до ден-денес. Пронаоѓајќи непресушен извор на инспирација во убавините на Битола, тој ги насликал и еврејските гробишта, еврејскиот кварт, џамијата, старата битолска архитектура, а изработил и неколку живописни панорами на градот.


Со две дела на тема битолска архитектура, објавени во белградската периодична публикација „Еврејски народен календар” за 1940 – 1941 година, овој во тоа време млад Евреин се запишал во историјата на уметноста на Битола како пионер во техниката графика. Гастон Гамлиел воедно е и еден од првите автори што на македонско тло цртале во карикатурален стил, а се запишува во историјата и како македонски пионер во деветтата уметност – стрипот, нешто за што прв пишува битолскиот ликовен уметник Панде Петров.

Рецензент на книгата „Гастон Гамлиел: Излет во еврејското минато по повод сто години од раѓањето на еден битолски уметник” е м-р Сашко Темелков, а лектор – Гордана Ацеска. Како проект од национален интерес во културата за 2024 година, нејзиното објавување е поддржано од Министерството за култура.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во Кинотека на Македонија ќе се одржи проекција на документарниот филм „Време на бетон“

Во Кинотека на Македонија, вечерва со почеток во 20:15 часот, ќе биде прикажан македонскиот документарен …