Во Europe House во Велес, денес со почеток во 19:00 часот, во организација на книжевниот центар „Антолог“, ќе се одржи промоција на книгата „Кобајаши Мару“ од Анде Јанков.
Промотор: Даница Ивановска Лепојевиќ
При крајот на зимата 2024 година, Скопскиот оддел за крвни и сексуални деликти од гостиварската полиција презема случај на убиство на познат сексуален престапник и повремен уживател на наркотични средства. Наркоманот е пронајден застрелан во неговата соба во хотел на Мавровско Езеро. Единствената трага за полицијата е пронајдената чаура на местото на убиството…
Иако романот во својата жанровска класификација претставува крими-роман, оваа книга разработува широк дијапазон на идеи кои се проткаени низ целата нејзина должина. Приказната е втемелена во времето во коешто живееме, но си игра со безвременски концепти кои претставуваат зрела критика на бројни општествени норми и модалитети, како и доза филозофски дискурс кој би ги задоволил и најсериозните уживатели на квалитетна фикција.