Уште една награда за „Бизнисот на задоволството“ во САД – „Сребрено реми“ на престижниот „Хјустон интернешнал филм фестивал“

Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството” на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми” на „Хјустон интернешнал филм фестивал” (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.

Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.


„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда” во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.”, рече режисерот Гоце Цветановски.

Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството” го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал” во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.


Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Свирка на Benjamin Whitehill во СЦ Дуња

Во понеделник, на 20 мај 2024 година, во Социјалниот Центар ДУЊА во Скопје, ќе може …