Сеќавање: 10 години без нашиот истакнат писател и професор Науме Радически

Науме Радически е роден на 18 мај 1953 година во село Мешеишта, Охридско. Тој беше македонски писател, критичар, есеистичар, преведувач, редовен професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет во Скопје, истражувач на македонската книжевна и културна историја, прв главен уредник на списанието „Македоника” и член на Друштвото на писателите на Македонија.

Во 1975 година, завршил студии по историја на југословенските литератури на Фило­лош­киот факултет во Скопје, а на Филозоф­скиот факултет студирал историја на уметноста со архео­ло­гија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работел близу три и пол децении, магистрирал во 1981 и докторирал во 1990 година, а потоа бил редовен професор по современи јужно­словенски литератури. Уметничката, кри­ти­чарската и научноистражувачката актива на Радически е разновид­на: поезија, литературна и ликовна критика, лите­ра­турна историја, есеистика итн. Одделни негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литера­турната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преве­ду­вал од други јужнословенски литератури. Учествувал на голем број македонистички, славистички и балканолошки научни собири во Македонија и во странство. Учест­ву­вал во уредувањето на весници и списа­нија, како Литературен збор, Стожер, МИТ, а бил главен уредник на списанието Маке­до­ника од неговото основање. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија.


Бил добитник на наградата на Културно-просветната заедница на Македонија, на наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ и на државната награда „Гоце Делчев“ за 2007 година, за книгата „Литературна раскрсница“.

Библиографија:


Критичко-есеистички и научно-истражувачки трудови

Критички интерпретации на младата македонска книжевност (1983),
Релации и континуитет (1996),
Метаморфози (1999),
Време без збор (2000),
Патишта и крстопати низ јужнословенските кни­жевности (2004, ја добил наградата на ДПМ „Димитар Митрев“),
Литературна раскрсница (2006, за која ја добил државната награда „Гоце Делчев“),
Аналитички рефлексии (2007),
Литературните погледи на Димитар Митрев (2009),
Пред алфа и пред делта – прилози за македонската другојазична литература (2011),
Словенска алка (2012),
Миладиновци (2012),
Македонски литературен потсетник, книга 1 (2013).
Бил составувач на некои избори од македон­ската лите­ра­­тура, како Дванаесет векови македонска книжевност (1997) итн.


Поезија

Постоења и мотиви (1975),
Светол тажен вик (1984),
Контрасти (1992, за која ја добил наградата на Културно-просветна­та заедница на Македонија),
Преображение човеково (2001),
Астрални проекции (2008, 2012; редок настан во македонската книжевност поетска книга да биде преобјавена)

Радически во својата повеќегодишна истражувачка, културолошка и книжевна дејност, која зафаќа период од над триесет години, дал исклучително значаен придонес во откривањето, разјаснувањето и афирмирањето на македонските културни вредности, македонските културни дејци и книжевни творци во 20 век и воопшто на поновата македонска културна историја. Речиси сиот овој период го посветил на истражување и афирмирање на присуството, односно на застапеноста на Македонија во другите јужнословенски литератури и посебно на дејноста и творештвото на Македонците кои создавале во други јазични средини, односно на македонските дводомни писатели. Резултат на таквата истражувачка и творечка активност на Радически е трудот Пред алфа и пред делта, со поднаслов: Прилози за македонската другојазична литера­ту­ра, објавен во 2011 година од страна на издавачот „Македоника литера“ – Скопје. Овој труд на проф. д-р Науме Радически претставува најкомплетниот, најкомплексниот и најсеоп­фатниот труд во македонската книжевност што ја третираа оваа проблематика, односно што ги открива, проучува и афирмира македонските книжевни автори кои создавале на други јазици. Оваа книга на д-р Науме Радически е првата која открива и соопштува толку многу имиња кои припаѓаат на категоријата македонски творци кои создаваат во други национални и јазични средини, а кои нераскинливо се поврзани со македонската национална и културна средина. Радически бил учесник на речиси сите позначајни научни собири во јужнословенските, па и воопшто во словенските земји, афирмирајќи ја истовремено и македонската книжевност и култура. Трудовите од тие научни собири му се објавувани во зборници, списанија и други стручни или културолошки публикации на јазиците во тие земји. И преку нив, исто така, ги промовира и афирмира македонската книжевност, култура, културна историја и книжевно наследство. Библиографијата на проф. д-р Науме Радически содржи повеќе од 680 библиографски единици – научни, стручни, критичко-есеистички и други трудови. Тоа е импозантен број библиографски единици со исклучително значење за промоцијата и афирмацијата на вредностите на македонската книжевност и култура.

Починал во Скопје на 7 мај 2014 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„И бол и бес“ – ново ЕП на Сашо Митревски

Во издание на Шарла Рекордс, излезе новото ЕП на еден од најинтересните протагонисти на македонската …