Почина актерот Гоце Влахов: Болеста беше посилна!

Денес во Скопје, после долга и тешка бпрба со ракот почина актерот Гоце Влахов, член на првата генерација актери од ФДУ…Веста за прераната смрт ја објави семејството…
На 70 години денеска почина актерот Гоце Влахов. Роден на 12. мај 1949. година во Скопје. Македонскиот глумец, кој во својата богата кариера глумеше во повеќе филмови и серии, публиката најмнаогу го памети по улогите во „Македонските народни приказни“, но и во „Трст виа Скопје“, „Во светот на бајките“ и „Тврдокорни“.
Македонскиот народен театар се прости со големиот актер.
„Со голема болка и жалење ве известуваме дека почина актерот Гоце Влахов (1949-2019). Од 1980 година до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар – Скопје, иако остварува бројни улоги на оваа сцена од 1972 година. Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење“ се вели во соопштението на МНТ.


Првата улога на сцената на Македонски народен театар Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир“, а потоа се редат и „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).
Остварува главни улоги во филмовите „Чекор пред времето“ (2003) и „Андер“ (2004), а игра и во филмовите „Македонски дел од пеколот“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980), „Сенки“ (2007) и „Мајки“ (2010). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Македонски приказни“ (од 1986 до 2012) и во ТВ серијата „Тврдокорни“.
Посмртните останки на Гоце Влахов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 30 јули (вторник), во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот. Вечна му слава!
Колеги се простуваат од него на социјалните мрежи.
„Почитувани пријатели и фанови на актерот Гоце Влахов,
Со длабока болка и тага соопштуваме дека Гоце почина денес после храбра шестгодишна борба со рак.
За оние кои сакаат да му оддадат почит, погребот ќе се одржи на 30.07 (вторник) во 11 часот во капелата во Бутел.
Ќерката и сопругата“


„Брат, жалосно но вистинито, не успеавме за последно да се испонаприкажеме, замина без збогум во ова проклето време…Почивај во мир мој скап другар и соборец во нашите заеднички премрежија. Твојата добрина и ведрина е неизбришива од нашите срца…“



Првата генерација на ФДУ 1971: Гоце Влахов, Перо Арсовски, Мајда Тушар, Снежана Киселички, Соња Каранџуловска, Ѓорги Колозов, Кирил Псалтиров…

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …