Оливер Митковски: „Не бараме амнестија за колегата Владо Јовановски“

„Не бараме амнестија за Владо Јовановски, туку бараме од судот да ја врати претходната одлука за домашен наместо затворски притвор“ напишаОливер Митковски, кој беше дел од актерите кои вчера пред полна сала ја откажаа претставата „Ничија земја“ во Македонскиот народен театар“, на неговиот профил на Фејсбук.
„Верувам дека на повеќето им се добро познати моите ставови во однос на владеењето на претходната политичка гарнитура, мојата осуда во однос на случувањата во Собранието и мојата децениска борба за создавање на правна држава. Оттаму, нашата одлука не беше обид ниту да влијаеме на исходот на судските процеси, ниту да бараме амнестија за сторените дела. Напротив, сметаме дека доколку се докаже вината, Владо и сите останати учесници треба соодветно да бидат казнети, секој во зависност од тежината на стореното дело. Идејата беше да се сврти вниманието на јавноста и пред се’ на надлежните институции уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и да ја вратат првичната-домашен притвор“ вели Митковски.

Тој додава дека со неговите колеги од МНТ сметаат дека Владо има неколку олеснителни околности кои се доволни за оваа отстапка од страна на надлежните органи.
„Точно е дека нашата одлука е емотивна, можеби по некои параметри и погрешна, но во секој случај сметаме дека е човечна, посебно во време кога омразата доминира наспроти хуманоста. Можеби ќе видите извесни контрадикторности во однос на целото мое претходно залагање, жалам што дел од моите пријатели и познаници ќе бидат разочарани, но за мене одлуката да застанам позади оваа иницијатива е во суштина континуитет на мојата потреба да бидам не само колега туку пред сè човек“, пишува Митковски.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Спектакуларната музичка драма „Валкира“ од Рихард Вагнер во изведба на Софиската опера и балет вечерва во НОБ

Во рамките на 52-то издание на „Мајските оперски вечери“, вечерва со почеток во 18:00 часот …