ОБЈАВЕН РОМАНОТ „САМО ДОЈДИ СИ ДОМА“ ОД СЛОВЕНЕЧКИОТ ПИСАТЕЛ АНДРЕЈ Е. СКУБИЦ

„Македоника литера“ од Скопје, неодамна го објави романот „Само дојди си дома“ од словенечкиот писател Андреј Е. Скубиц, во превод од словенечки јазик на Давор Стојановски.
„Само дојди си дома“ (2014), кој е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“ за 2015 година, опфаќа многу актуелна и претходно необработена тема во словенечката книжевност: политичките тајкуни и корупцијата. Во вителот од настани, кои може истовремено да се читаат како крими-фикција и како драма, критиката препознава и референтни точки од познатиот јавен живот (на пр., аферата Чиста лопата) и на актуелни состојби во Словенија.
Ова е амбициозен и неверојатно читлив роман, со рафиниран фокус, динамичен дијалог и со комплексни ликови. Романот е анализа на состојбата на општествениот и на политичкиот морал, но без морализирање; на машко-женските односи во ултракапиталистичкото општество, но без сексизам; и на вонвременските теми како искушението, човечката интимност, општествениот успех и пад.
Леон Берден го губи престижното работно место во адвокатската канцеларија, откако на прес-конференција ги разоткрива нечесните деловни зделки на својата странка. Иако во очите на јавноста станува јунак, самостојната канцеларија што ја отвора му останува релативно празна. Напнатост се појавува и во семејството, поради неговиот пад – грижата за домашните финансии ја презема сопругата, која добива функција на државна секретарка, а тој мора да ја преземе улогата на негувател на ќерката. Покрај сето тоа, Леон се заплеткува и со некогашната соученичка, а сегашна новинарка, која се интересира за вистинската причина поради која доаѓа до прекршувањето на доверливоста кон клиентот.
Романот е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“.
Андреј Ерменц Скубиц (Љубљана, 1967) е словенечки прозаист, драматург и преведувач. Тој е еден од најнаградуваните и најафирмираните современи словенечки писатели.
Студирал англиски и словенечки јазик на Филозофскиот факултет при Љубљанскиот универзитет, а на истиот факултет во 2003 година се здобил и со докторат по социолингвистика.
Автор е на книгите „Горчлив мед“, роман (1999), „Фужински блуз“, роман (2001), „Лудница“, куси раскази (2004), „Лицата на јазикот“, научна монографија (2005), „Пуканки“, роман (2006), „Може“, роман (2009), „Колку си моја?“, роман (2011), „Само дојди си дома“, роман (2014), „Игри без граници“, новела (2015) и „Вечен мраз“, роман (2017).
Тој е трократен добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“, за романите „Горчлив мед“ (2000), „Колку си моја“ (2012) и „Само дојди си дома“ (2015). Освен нив, ги добива и Жупановата награда на Град Љубљана за романот „Пуканки“ (2007) како и Големата Прешернова награда за „Колку си моја“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„И бол и бес“ – ново ЕП на Сашо Митревски

Во издание на Шарла Рекордс, излезе новото ЕП на еден од најинтересните протагонисти на македонската …