Нов критички одглас за романот на годината од Димковска – критички осврт на Мојсова-Чепишевска

Објавен е нов критички одглас за романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2023. Критички осврт на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска. Таа оценува дека во овој роман, Димковска најсилно остава делови од своето и лично и книжевно Јас.

– „Единствен матичен број“ е роман за тагата по вкусот од безгрижното детство, за болката, за молкот… Роман за тажниот татко и дрската мајка. Роман кој го поттикнува скитањето заради откривањето кој сум и што сум. Димковска како целосно да ни ги разоткрива и својот немирен дух и својата потрага за тоа која е и таа самата. Така, како што нејзините јунаци патуваат низ земјите од Европа и секаде наоѓаат по нешто свое, или нешто од своите родители, предци, но и оставаат нешто свое, дел од себе, живеат во таа Европа, така и Димковска остава делови од своето и лично и книжевно Јас најсилно токму во овој роман, нагласува Мојсова-Чепишевска.


Според неа, најновото дело на Димковска е роман во кој се обединуваат објективниот момент на апстрактното право и субјективниот момент на моралот и притоа се конкретизира слободата. Во текстот, романот се коментира и анализира и воопшто во контекст на современата македонска проза, при што Мојсова-Чепишевска поставува синтеза и со прочитот на „Егејци“ од Кица Б. Колбе.

Осврнувајќи се на ликовите во романот за носечкиот лик на приказната на Димовска, Никос, таа нагласува:


– Неговата судбина, која го дефинира како човек без единствен матичен број, како Грк кој се претопува во Македонец, како Грк кој едноставно е препознаен од страна на своите соседи и познајници како Егеец, од неа создава трагачка по минатото на Кате, онаа која ни вели: „Го барав во неговата татковина, додека тој си беше во мојата татковина.“ Темата за длабоката потрага по минатото на својот родител, на својот татко, пред Димковска, во 2019 година, во македонската проза ја донесоа и Оливера Ќорвезироска во својот роман „А’бт“ (Скопје: Или-или) и Снежана Младеновска Анѓелков во „Молчи со отворена уста“ (Скопје: Или-или). Таа тема, како тегобност, ја носам и јас. Татко ми само еднаш успеа да помине покрај својот напуштен дом, а ова мое пишување за романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е и едно симболично наминување во неговиот дом, во домот на неговите родители и на неговата баба, едно метафорично (на)враќање во неговото напуштено огниште таму во Сетина, на само неколку километри од македонско-грчката граница на преминот кај Битола.

Во освртот, Мојсова-Чепишевска, романот „Единствен матичен број“ го исчитува и од книжевна, и од културолошка перспектива, но во исто време, текстот има и лична, емотивна обоеност, поради поврзувањето на приказната на Димковска од Кипар и Македонија, со судбината на Македонците од Егејска Македонија, што е дел и од семејната меморија на критичарката.


– Она што ме мачи е како да почнам да теоретизирам од сопствените чувства, зашто „теориите доаѓаат од чувствата, од оние нешта што те накострешуваат, вознемируваат“, а притоа тие свои чувства да не ги удавам во теоретизирање? Затоа, едноставно, треба ли да им дозволам на чувствата да ме водат? А темата на најновиот роман на Лидија Димковска како одново да ја допира мојата тема за Егејците како дел од мојата семејна меморија, сепак, недоволно раскажувана/раскажана, нагласува Мојсова-Чепишевска, уште во воведниот дел на текстот.

Освртот на Мојсова-Чепишевска, интегрално е објавен на: https://prikazni.mk/b/470/babutca-kaktus-ili-krusha-vesna-mojsova-chepishevska-za-edinstven-matichen-broj

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ДО КРАЈОТ НА МАЈ ТОПЛО, НО МНОГУ НЕСТАБИЛНО: Се очекуваат нови врнежи, грмежи, силен ветер и локално по силно невреме – Можни се локални поројни поплави

До самиот крај на месец Мај во Македонија ќе се задржи значително топло со макасимални …