Отворање на манифестацијата „Денови на македонската литература“ со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска

Годинешното издание на традиционалната манифестација „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе биде отворено со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто сиот свој работен век го мина на оваа Катедра на Филолошкиот факултет.

Предавањето ќе биде на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет, со почеток во 12 часот.


На отворањето на манифестацијата ќе се обратат деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.

Професионалниот пат на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска (1950) е дел од историјата на Филолошкиот факултет при УКИМ. Во 1984 година, на Факултетот, Пирузе-Тасевска, со одличен успех ја има одбрането својата магистерска тема „Митови и митолошки елементи за македонските народни приказни“, а во 1991 година и докторската теза „Тематски и идејно-естетски приближувања и спротивности на романтизмот за српската и македонската литература“.


Сиот работен век го мина на оваа Катедра, како професор по нова српска литература и по други предмети, а беше и раководител на Катедра. Учествувала на многу еминентни научни собири во Р Македонија, СР Југославија и пошироко, а бројни стручни и научни трудови објавува во земјава и во странство. Автор е на значајни монографски публикации.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …