Вечерва во Театарот за деца и младинци ќе биде изведена младинската претстава „Едвард Раце Ножици“

Во Театарот за деца и младинци, вечерва со почеток во 20:00 часот ќе може да ја погледнете младинската претстава „Едвард Раце Ножици“.

ЕДВАРД РАЦЕ НОЖИЦИ е култен филм на познатиот американски режисер Тим Бартон. Инспирацијата за оваа приказна Бартон ја црпи од неговото детство во кое поради неговата интровертност бил перцепиран како чудак. За да ја прикаже својата емотивна состојба се нацртал себе си како човек кој место раце има огромни ножици. Оттука произлегла и идејата за сценариото кое тој го развил и напишал заедно со неговата соработничка Керолајн Томпсон. Приказната зa човекот со раце ножици, кој неговото опкружување не може да го прифати, станала популарна низ целиот свет, особено кај младинската публика.


Новонастанатата драматизација за претставата ја врамува приказната за Едвард на еден сосема поинаков начин од сценариото. За разлика од сценариото кое е структурирано како флешбек на еден од главните женски ликови, овде приказната за човекот со раце-ножици ја раскажуваат сите ликови. Во низата на настани се отсликува малограѓанштинта на жителите од градот, нивната конзервативност и неможност да се соочат со различноста. На почеток тие го доживуваат Едвард како некаква егзотика, како некој кој внесува свежина во нивното рутинско секојдневие, за брзо после тоа да го отфрлат и прогласат како опасен за околината. Нивната комфорна зона е разнишана и таа позиција набргу се покажува дека општеството не е спремно да ја напушти, ниту пак зрело да се соочи со поинаквоста. И неговата љубов кон младата Ким предизвикува проблеми во заедницата и затоа тој мора да го напушти градот и да се врати повторно во замокот.

Нашата претстава зборува за тоа дека треба да ги прифаќаме различните од нас и да ги надминеме предрасудите кон другиот. Во оваа смисла таа има за цел да ги постави прашањата за тоа колку е нашето општество зрело и колку сме ние зрели за соживот со некој што изгледа поинаку, зборува поинаку, се облекува поинаку од нас и.т.н. Дали се овие ставови сменети во ова ново време или сеуште тапкаме во место по овие прашања. Колку е нашата заедница спремна да го наруши сопствениот конформизам, за доброто на другиот? Колку сме себични и колку е општото добро приоритет, а колку личниот интерес?! Спремни ли сме да му ја запечатиме судбината некому поради тоа што е различен од нас? Дали идејата за промена сеуште не плаши?!- Нела Витошевиќ.


Режија: Нела Витошевиќ
Драматизација: Нела Витошевиќ и Ивана Ангеловска
Сценографија: Костантин Трпеноски
Асистент на Сценографија : Моника Ангелевска
Костимографија: Роза Трајческа Ристовска
Композитор: Огнен Анастасовски

Актери :
Едвард – Бојан Кирковски
Ким Богс – Наташа Петровиќ
Пег Богс – Симона Спировска
Бил Богс – Ненад Митевски
Кевин Богс- Ангела Димитрова
Џојс – Емра Куртишова
Марџ – Ана Левајковиќ Бошков
Сиси- Катарина Илиевска Силјановска
Есмералда – Изабела Новотни
Хелен – Ивана Павлаковиќ
Џим – Петар Стојанов
Џорџ Монро -Никола Наковски
Полицаецот – Исмет Шабановиќ
Инспициенти: Ѓуро Дракулоски и Ирена Глигороска
Изработка на реквизита: Кирил Василев и Бранкица Јордановска
Перикер: Џули Качаревиќ
Изработка на костим: Љубица Велкова, Toшо Саздов , Билјана Пешевска и Гордана Божиновска
Фотографии на рекламен материјал: Кире Галевски
Дизајн на плакат и програма: Борче Димитријоски
Тон мајстор: Владимир Стефановски и Ангел Насковски
Светло мајстор: Мартин Митровски и Оливер Ставрев
Шминка и специјални ефекти: Игор Петрески
Гардеробер: Мирка Ѓоргиева
Декоратери: Јовица Видески, Драган Силјановски, Мирсат Камбери и Бујамин Селими


Времетраење : 70 минути

Резервација на билети на 02-3222-619
Онлајн на www.puppet.com.mk

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре 03.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Ефикасниот и работно мотивиран Овен крајот на првата работна недела го дочекува задоволни …