Во среда ќе биде отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“

На 19.7.2023 година (среда), во 20 часот, во објектот Чифте амам, ќе биде отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“. Со оваа изложба ги започнуваме активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија.

Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нашата колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.


На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од следните автори: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др. (скулптори).
Изложбата ќе трае до 19.8.2023 година. Воедно, ве известуваме дека на 2.8.2023 година, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Екран ви ги претставува хедлајнерите на Pinkpop 2024

Екран во неколку објави ќе се обиде да ви ги презентира најголемите музички имиња кои …