ОБЈАВЕНА НОВЕЛАТА „ВО ГЛАВАТА НА БРУНО ШУЛЦ“ НА ГЕРМАНСКИОТ ПИСАТЕЛ МАКСИМ БИЛЕР

„Македоника литера“ деновиве ја објави новелата „Во главата на Бруно Шулц“ на современиот германски писател Максим Билер, а во превод од германски на македонски јазик на Софија Поповска.

Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а посебно на еврејското творештво. Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот. Неговиот литературен пристап е понекогаш полемичен, понекогаш горко лут, но секогаш хумористичен и луциден. Билер е шокантно искрен, пишува со очигледна елеганција и без да угодува, туку непоколебливо да ги разоткрива и именува. Неговиот стил на пишување е колку поетски, толку и провокативен, интелектуално предизвикувачки и длабоко трогателен.


Новелата „Во главата на Бруно Шулц“, досега преведена на 15 јазици, е првото дело на Максим Билер преведено на македонски јазик.

Во оваа новела Максим Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц. Во оваа магична, трагикомична, бурлескна новела, тој ни нуди патување до полскиот град Дрохобиц, во светот на Бруно Шулц, во 1938 година. Нè води во подрумот каде што Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа, му пишува писмо на Томас Ман. Тој се надева дека светски познатиот писател ќе може да му помогне да најде издавач во странство – тогаш конечно би имал причина засекогаш да ја напушти својата клаустрофо¬бична татковина. Меѓутоа, знаците на претстојната апокалипса се непогрешливи, му го одземаат сонот и го хранат неговиот придружник – стравот. Во умот на Бруно Шулц се појавува визија за крајот на светот, предвидувајќи го тоа што, всушност, ќе се случи потоа во окупираната Полска. А резултатот е брилијантно напишано литературно дело, полно со црн хумор. Ова дело наиде на одлични реакции на критиката и медиумите:


„Јазикот на Билер е мелодија која создава осет, како Албер Ками да е уште жив, како Готфрид Бен да започна одеднаш да пишува куси раскази, како егзистенцијализмот да ни се обраќа од својот гроб… Билер е одличен раскажувач. (Велт ам зонтаг)

„Билер е фантастичен пронаоѓач на приказни со старомоден сјај, кој се грижи за светот, за вистината, за животот.“ (ФАС)
„Билер пишува со една подразбирлива, ненападна елегант¬ност, со која не може да се спореди ниту еден од другите современи писатели, кои пишуваат на германски. Неговата новела е на ниво на светска литература.“ (Себастиан Хамелеле, spiegel.de)


„(…) Не се многубројни тие, кои можат да пишуваат толку беспрекорна проза. (…) Новата новела на Билер е неподнос¬ли¬во виртуозна.“ (Петер Прашл, Ди велт)

„Полна сум со восхит од наративниот темперамент на Максим Билер, кој го имаат малку луѓе. Буквално излегува од вас. Честитки, не знам за нешто слично.“ (Елфриде Јелинек)

Преводот на ова дело беше поддржан од книжевната мрежа ТРАДУКИ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …