Во препев #2 ‒ промоција на три стихозбирки од авторите Драгослав Дедовиќ, Ален Брлек и Мартин Глаз Серуп

Денес во Младински културен центар ‒ Скопје со почеток во 19:00 часот ќе се одржи промоција на три книги, изданија на ПНВ Публикации: „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ (Србија), „Санг“ од Ален Брлек (Хрватска) и „Полето“ од Мартин Глаз Серуп (Данска).

Поетско читање и разговор за предизвиците и задоволствата од преведувањето на делата помеѓу преведувачите Јовица Ивановски, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска, и авторите Драгослав Дедовиќ, Ален Брлек и Мартин Глаз Серуп.


Драгослав Дедовиќ (1963, Земун) студирал журналистика во Сараево и социологија на културата во Белград. Од 1992 г. се преселил во Германија. Магистрирал на студиската програма „Европски студии“ во Ахен. Работел како советник во меѓународната мировна организација во Келн, бил претставник на еколошка политичка фондација во Белград. Бил долгогодишен уредник на РТВ „Дојче веле“. Од 2018 г. живее во Белград и во Лесковац. Од 1988 г. објавил 11 книги поезија, меѓу кои: „Kафе Суматра“, (Сараево, 2005), „Динарски Буда“ (Белград, 2008), „Усвитување“ (Нови Сад, 2013), „Земјата под абажур“ (Сараево, 2021). Лириката му е препеана на повеќе јазици, неколкупати е наградуван. Застапен е во антологии на српската, на босанскохерцеговската и на светската поезија. Од германски има преведено десетина прозни дела, како и лирика на низа современи германски поети. На македонски достапна е неговата стихозбирка „Земјата под абажур“, во препев на Јовица Ивановски, што со поддршка на Традуки (Traduki) годинава беше издадена од „ПНВ Публикации“, Скопје.

Ален Брлек (1988, Загреб) пишува проза и поезија. Автор е на стихозбирките „Метакморфози“ (2015, Алгоритам; 2013 награда „На врх језика“), „Пратишина“ (2017, Контраст, Белград; второ издание 2012, Фрактура, Белград) и „Санг“ (2019, ХДП; награда „Мали Квирин“, во финале за наградите „Тин Ујевиќ“ и „Иван Горан Ковачиќ“). Збирките претставуваат трилогија на умот, духот и телото. Песните му се преведени на повеќе јазици и застапени се во неколку антологии на хрватската поезија. Во 2022 година избор песни под насловот “Théories nocturnes” е преведен и објавен на француски јазик од издавачката куќа Galerie – Librairie Lollave. Дел е од „Версополис“ и од музичко-поетскиот проект „Зарон“ заедно со Дарко Шепаровиќ, Емил Андреис и Луција Бутковиќ. Неговата поезија на македонски во препев на Ѓоко Здравески е објавена во стихозбирката „Санг“ и во збирката „13 Хрватски поети: избор од современата македонска поезија“, обете годинешни изданија на „ПНВ Публикации“, поддржани од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.


Мартин Глаз Серуп е роден во 1978 година и живее во Копенхаген, Данска. Автор е на многу книги за деца, на книжевни критики, есеи и проза, како и на девет стихозбирки, меѓу кои најновата е „Бескрајно лето“ (2020), а веројатно најпозната на меѓународно ниво е поемата „Полето“ (2010), што досега е објавена во девет земји и е неговата првообјавена книга на македонски јазик. Препевот од англиски е на Јулијана Величковска, а книгата, со поддршка на Данската фондација за уметност (Danish Arts Foundation @statenskunstfond), е издадена од „ПНВ Публикации“, Скопје.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

На регионот, како и на Македонија и се закануваат локални поројни поплави: Од вечерва, па и во текот на наредната недела силни врнежи, грмежи и временски непогоди

Метео прогноза на Славчо Попоски: Под влијание на циклон од западна Европа, од вечерва, па …