Владимир Четкар: „Многу мои пријатели од Америка доаѓаат да го видат Охрид оти секогаш им кажувам дека е најубавиот град”

Џез-музичарот Владимир Четкар следниот месец ќе оди на турнеја низ Америка. Ова е негова трета турнеја во САД од почетокот на пандемијата. Иако неодамна имаше неколку настапи низ Македонија, вели дека со душа ги чека концертите, оти во годиниве со короната најмногу му фали контактот со публиката и настапите во живо.

This image has an empty alt attribute; its file name is vladimir-cetkar-4.jpg


„Скоро имав супер концерт на Љубаниште, се погоди времето после неколку дождливи дена, па дојдоа и луѓе со кајчиња и беше магично доживување. Свирев и на џез-викендот во винаријата „Монастери”, а таму имаше гости од цела Македонија, ама и луѓе од Црна Гора. Мене на моите концерти ми е исто толку убаво како и на публиката, можеби и поубаво”, раскажува тој.

Четкар со години живее на релација Америка – Македонија. Пандемијата го затекна во Њујорк. Едвај ги издржал тие осум месеци кога најголемиот дел од времето бил сам. За забава, секојдневно возеше велосипед и објавуваше видеа од празните улици на Менхетен и Тајмс сквер.


This image has an empty alt attribute; its file name is vladimir-cetkar-3.jpg

„Некогаш возев и во спротивна насока и со погледот нагоре, конечно ја видов архитектурата на Њујорк. Ама, еден ден ми го украдоа точакот од пред зграда. После едвај најдов да купам точак, немаше по продавници. На крај, во едно кафуле видов велосипед на ѕидот па го прашав газдата дали ќе ми го продаде”, се сеќава Четкар.


За себе вели дека е авантурист и сакал да биде археолог кога ќе порасне. Иако денес ѝ е посветен на музиката, авантуристичкиот дух не го напушта. Каде и да патува по светот, секогаш изнајмува велосипед и тргнува да види повеќе од земјата и локалната култура. Но, на крајот, вели, најубаво му е во Охрид, градот кај што е роден и пораснал.

This image has an empty alt attribute; its file name is vladimir-cetkar-2.jpg

„Оваа убавина ја нема никаде. На пријателите во САД стално им раскажувам за езерото старо над милион години, за убавините на градот, за топлината во која сум растен и која е предноста да растеш во помал град, а тие дошле да го видат Охрид заради моите приказни. Но, да бидам искрен, ми пречи што сè се случува само преку лето, во тие два месеца. Градот има одлични услови и за зимски туризам”, искрен е Владимир.

This image has an empty alt attribute; its file name is vladimir-cetkar.png

Во разговорот за „Репортер” зборувавме за сè: музиката и колкава инспирација му е Охрид кога компонира, зошто му го откажаа настапот на Пивофест во Прилеп, за времето кога студираше на најпрестижниот колеџ за џез „Беркли”. Но и за тоа како се справува со некултурните возачи кога е на точак, зошто низ празниот Њујорк пееше изворни македонски песни и дали некогаш ќе ја скрати косата, гледајте го видеото.

Фото: Принтскрин/YouTube/reporter.mk

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …