(ВИДЕО+ФОТО) Интервју со Александар Тодороски: „Овој моментум со Макфест морам да го искористам за промоција на моја, авторска музика и ветувам, нема да разочарам!“

Победата на Макфест носи уште една обрска – како и што понатаму? Со оглед на тоа дека бројни и докажани пејачки имиња дошле со намера да победат, после неколку настапи и успеале, а потоа ништо од нив. Какви се твоите планови?
– Откако малку ми „легнаа“ импресиите, сфатив што сум направил – сум си презел не само награда, најмалку „слава“, туку пред сè обврска, обврска да продолжам да работам многу повеќе и многу подобро отколку до сега! Наградите секогаш обврзуваат. Но, мислам дека имам и сили и желба да одам понатаму. Така, да најавам дека се подготвува видео записот за победничката песна. Се надевам дека до Нова година ќе го имаме. Понатаму, искрено се надевам да продолжи соработката со Ристо Самарџиев и Давор Јордановски, затоа што нивниот музички сенс е многу близок до мојот и сметам дека можат да се изродат уште многу вредни дела. И конечно, веќе гледам „кавер“ на победничката песна, но и сосема нова, кога оваа малку ќе „истине“. Секако, настапите во живо си продолжуваат, но во иднина дефинитивно повеќе ќе се посветам на авторска музика, затоа што, не сакам да не го искористам овој момент и да станам само уште еден победник на Макфест кој испеал една песна и бил заборавен.


Сметаш ли дека треба да се преземат неколку посериозни чекори за заживување на поп музиката во Македонија – некако „се успа“ и теренот го препушти на тие од соседна Србија?
– Па тоа долго време е случај, што заради објективни, што заради субјективни причини. Објективни, затоа што српската музичка индустрија е побогата, помоќна и со тоа повеќе доминантна на регионалната сцена. Субјективните причини се во нашиот недостаток на организираност, поголеми вложувања и упорност во промовирање на македонската музика надвор, затоа што талентот сигурно го имаме. И тоа несомнено сме го докажале многу пати, со многу македонски музичари кои се пробиле на регионалната сцена. Но, видете, поп-музиката е сепак пазарен производ, а реално ние сме мал пазар. Затоа, со малку поголема организираност, државна стратегија и помош, нашиот талент лесно може да се најде на музичкиот пазар во регионот и да ја промовира не само македонската поп-музика, туку и македонската држава и култура воопшто. Но, за тоа ние треба прво дома да се организираме.

Дел си од групата „Феникс“, пееш, свириш гитара (и очигледно е колку ја сакаш музиката и тој инструмент) – свирите по кафулиња, на свадби… дали победата на „Макфест“ ќе придонесе за менување на нештата?
– Јас пораснав со музика. Јас живеам со музика. Татко ми е музичар, и практично, кога растете во музичко семејство, како и да немате многу избор: се знаеше од првиот ден, музика и само музика. И да, како што рековте, јас ја сакам гитарата, бев државен победник на натпреварот по класична гитара уште пред да се запишам на Музичката академија. Така што, прво – никогаш нема да ја оставам класичната гитара. Но, исто така, веќе седум години активно настапувам во живо низ локали во Македонија и ја сакам и живата свирка. А како и самите што рековте, сега дополнително Макфест ги менува нештата, затоа што станува сериозна и можна и третата моја желба – да почнам да работам авторска музика. Така што, долг пат ме чека, а каде ќе ме однесе, Бог знае. Мое е само да продолжам да работам напорно и посветено како и до сега!


Дали можеби во тебе се крие и иден композитор или продуцент? – Гитара, пеење – кога музиката стана составен дел од животот на Александар?
– Како што реков, јас секој ден живеам со музика. Јас друг свет не познавам. Сега после Макфест секако приоритет ми станува да продолжам да работам мои авторски проекти. Но, ќе „газам“ полека, внимателно. Јас сум релативно млад, но сепак, веќе се чувствувам доволно зрел да почнам полека да влегувам во македонскиот музички етер и како автор. Во меѓувреме, секако, живите свирки остануваат, затоа што не само што ги сакам, туку на тие свирки човек го „пече занаетот“, таму оди сè во живо, таму нема забушавање, нема генерална проба. Но, дефинитивно, овој моментум со Макфест морам да го искористам за промоција на моја, авторска музика и се надевам, сега кога ми се подотвори прозорец на можноста, ќе дадам сè од себе да ја искористам. И ветувам, нема да разочарам. А каде тоа ќе ме одведе, дали ќе стигнам до концерти, турнеи…тоа само Бог знае, мое е да го правам она што најдборо го знам, најдобро што можам!


Фото: Принтскрин/Facebook

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Маалска чистка во Кисела Вода во рамките на „Генералка Викенд“

Волонтерскиот Центар Скопје се приклучува кон пролетната акција за чистење и селектирање отпад „Генералка викенд …