(ВИДЕО) Ниту еден Македонец нема да остане рамнодушен: „Земјо Мила“ во ново руво благодарение на Даниел Крстески!

Во пресрет на Илинден македонската поп сцена се збогати со едно ново дело…Велиме дело, бидејќи станува збор за преработка на култната „Земјо моја“ од професор Јане Коџобашија…
„Колку векови во темнина си била, колку темни сказни знаеш, земјо мила, колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала…“, ова се стиховите од песната „Земјо Мила“, песна на која веруваме дека ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен.
За тие кои не знаат, „Земјо Мила“ е создадена во далечната 1977. година од композиторот Јане Коџабашија, а ја испеал Никола Давидовски – Коле.
Ова вонвременско ремек-дело на Коџабашија се слушало и низ поголемите градови на поранешна Југославја, а повозрасните велат дека токму со неа бил пречекуван Маршалот Јосип Броз Тито кога доаѓал во посета на нашата земја.


За жал денеска оваа песна ретко имаме прилика да ја слушнеме на нашите радиостаници, но благодарение на младиот и талентиран Даниел Крстески, се надеваме оваа нумера повторно ќе заживее и ќе го разбуди патриотизмот кај многумина.
Крстески е можеби единствениот пејач кој се сети да направи препев на „Земјо Мила“ и истата да ја спакува во еден помодерен аранажман со модерна интерпретација.
„Сосема случајно ја слушнав песната на ‘Јутјуб’ и се потсетив дека кога бев дете беше многу вртена на телевизија и радиостаниците. Без многу двоумење ја земав гитарата и почнав да ја свирам. Така и ми дојде идејата да ја препеам. Веднаш му се јавив на професорот Јане Коџабашија од кого добив дозвола да ја преработам“, вели младиот пејач Крстески.



Даниел и екипата која работеше на овој проект се потрудија да направат и една видео-приказна која сведочи за страдањата на македонскиот народ наназад низ годините.
„За мене искрено беше голем предизвик и одговорност да се одлучам да преработам веќе своевремено доста позната песна која е сработена од професионалци. Не е лесно и едноставно да се испее дело на професорот Јане Коџабашија, особено да се направи препев по феноменалната интерпретација на Никола Давитковски, кој сигурно би го вброиле во најдобрите вокали што некогаш пееле кај нас“, изјави Даниел.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Аквизиции – Донации 2022 – 2023“ – нова изложба во Музејот на современата уметност во Скопје

Од 18 мај, во Музејот на современата уметност – Скопје, посетителите ќе можат да ја …