(ВИДЕО) Дарко Димитров:„Секое утро станувам и си велам дека јас сум никој и ништо, па ослободен од мислите почнувам да работам од нула!“

Композиторот и продуцент Дарко Димитров, раскажува за српската песна за Евросонг, како ја запознал сопругата Маја пред 30. години, за децата и татко му Славе Димитров, како сакал да биде режисер, а не музичар, но и за ѕвездите со кои снима, што ги советувал Цеца и Анастасија кога ја снимале првата песна, за Емина која со плачење си оди од неговото студио…
Македонскиот композитор и продуцент Дарко Димитров ова лето ќе прослави 30. години кариера. Од времето кога настапуваше со „Нулта позитив” и заедно со Мирко Митревски ја испеа „Отвори го пенџерчето”, па до денес, Дарко важи за човек што ги диктира музичките трендови не само кај нас туку и во регионот.


„Секое утро станувам и си велам дека јас сум никој и ништо, па ослободен од мислите почнувам да работам од нула. Само вака, кога не сум оптоварен од хитови, соработки, награди, мислам дека можам да создавам музика”, раскажа тој во интервјуто за „Репортер”.

Малкумина знаат дека во осмо одделение основал фирма за компјутери и дека сакал да се занимава со режија. Сепак, кога во средно наставничките побарале од него на школска приредба да ја испее „Чија си”, легендарната песна на татко му Славе Димитров, Дарко сфатил дека не може да побегне од музиката.
„Не сакав да пеам на приредбата, но ме убедија. Потоа им кажав дека ќе пеам, само ако ми ги поправат оценките. Тогаш компонирав песна за сите професори од училиштето и така тргна сè”, се сеќава Димитров на почетоците.


Почнал со преработки на народни песни во рап-верзија, а потоа почнал да го менува стилот и да создава поп-музика. Оттогаш нема кој не дошол во неговото студио. Речиси сите македонските пејачи, а покрај нив и најголемите балкански ѕвезди. Некои чекаат и по две-три години за да им направи песна.


„Не дека не сакам да работам со некого, едноставно, немам време. Но, тие што биле упорни, успеале”, рече Дарко.


И покрај обврските со музиката, семејството секогаш му е на прво место. Со сопругата Маја е заедно триесет години и ги имаат ќерките Мона и Лара. Дарко раскажа и за првиот состанок со Маја, на прославата на независноста на Македонија.
„Отидовме на плоштадот да го слушаме татко ми како пее и ни се случи магија”, вели композиторот.

Се пошегува дека има многу анегдоти и призна дека никогаш нема да успее да раскаже што сè се случува кај него во студио. Од Емина Јаховиќ, која расплакана си заминала, до Цеца и Анастасија, кои често доаѓаат кај него. За „М2 потрагата по ѕвезди”, за „Ноќна кралица” на Ерзана, кој и денес за многумина е најдобриот македонски албум, за српската песна за Евросонг, „Локо, локо”, чиј автор е тој, но и како неговите ќерки реагираат кога некој популарен пејач ќе дојде во студиото и за љубовта со сопругата Маја, која трае 30 години…

Фото: Принтскрин/Youtube

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почина таткото на Тоше Проески

Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави неговата ќерка Дора, „Светол патот, татко …