Промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ од Гоце Наумов

На 10-ти јануари (среда), во 20:00 часот, во кино салата на Музејот на РС Македонија, ќе се одржи промоцијата на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ од Гоце Наумов.

Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Никос Чаусидис, а во рамки на овој настан ќе настапи и џез составот Next to Silence.


Телесност и отелотворување ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Тоа значително го проширува толковниот опсег со чија помош темелно се разгледува иконографијата на телото и социјално-симболичкиот контекст во кого тоа е вклучено.

Ваквото ангажирање на теориската мултидисциплинарност се покажува како поиздржан научен пристап отколку елементарното дескриптивно интерпретирање на артефактите и потврдува колку длабоко може да се навлезе во повеќезначноста на предметите и сликите коишто прикажуваат човечко тело. Дотолку повеќе што ова вмрежување на толковните хуманистички пристапи и симболичкиот капацитет на артефактите дополнително покажува како може темелно да се разбере и светот во кој се создадени овие антропоморфни претстави. Во таа смисла, ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден прославува нашата истакната писателка Кристина Николовска

Кристина Николовска е родена на 17 мај 1969 година во Скопје. Таа е македонски поет, …