Верица Пандиловска е родена на 13 мај 1973 година во Тетово. Таа завршила нижо музичко училиште (отсек виолина), како и Средно музичко училиште (отсек соло-пеење). На музичката академија продолжила со соло-пеење, а по две години отсекот го променила со теоретскиот дел.
Нејзиното прво појавување било на премиерата на филмот „Arizona Dream“ во Универзалната сала во Скопје, каде таа ја отпеала традиционалната „Калеш бре Анѓо“. Првата солистичка песна „Вратете го богови“ ја испеала на фестивалот Интерфест во Битола во 1994 година. Песната ја компонирал Драган Вучиќ, а за изведбата Верица била наградена како најдобар интерпретатор.
Следната година (1995), на Скопски фестивал отпеала песна од Љупчо Цветковски – Ти не разбираш, која подоцна била прогласена за најслушана меѓу два фестивала. Следела пауза до 1999 година, кога на Макфест настапила со „Без здив“, песна од Тоше Поп-Симонов, во чие студио биле снимени и претходните две песни. Следувале: Знаеш дека знам (Скопски фестивал 2000, награда за најдобар текст за Тоше Поп-Симонов) и Нема зошто (Макфест 2001, награда за интерпретација), по кое се дистанцирала од фестивалите.
По две години кариерата ја продолжила со хитовската Кучкин син, а една година подоцна, 2004/05 со Дај ми вино. Следната Капка пот (автори: Владо Јаневски и Дарко Димитров), била промовирана во јуни 2006 година, а Животот е (композиторот Дејан Миличевиќ бил инспириран од шпанскиот мелос, додека текстот го напишала Калиопи) во јануари 2007. За поголемиот дел од песните Пандиловска снимила спотови, кои ги режирале Тоше Поп-Симонов, Дејан Миличевиќ и 3Д продукција. Во 2007 бил врвот на нејзината кариера со промоција на нејзиниот прв професионален албум „Бело знаме“ кој ги содржал националните хитови како „Кучкин син“, „Без здив“, „Капка пот“ и многу други.
Среќен роденден Верица ти посакува редакцијата на Екран.