Претставата „Народен непријател” гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора

Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател” од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивали во Р Црна Гора.

Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар” во Будва, кој оваа година е под слоганот „Сила, храброст и глупост”. Во текот на 49-те фестивалски денови, на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21:00 часот.


Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата Санта Марија, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала” и во амфитеатарот на манастирот Стањевиќи.

Второто гостување ќе се случи на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије” – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21:30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград , Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.


„Народен непријател” во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека е неопходна итна жртва, колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател“ ќе учествува на III Балкански театарски фестивал во Благоевград

По учеството на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“ во БиХ, Македонскиот народен театар повторно со …