Премиера на „Добри луѓе“ во Велес

Во вторник на 7 ноември во 20 часот, на малата сцена во Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес , независниот  Театар „Златен Елец“ од Скопје ќе ја одржи премиерата на претставата „Добри луѓе“, адаптацијата и режијата се на Тамара Стојаноска, а играат младите актери од Велес: Тијана Трајчевска и Филип Христовски. Музиката ја работеше Ива Дамјановски, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски, а материјалите ги преведе Наташа Пеевска.

„Добри луѓе“ е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси?


„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири. Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што тие двајца постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување.  – вели режисерката за претставата.

Од „Театар Златен Елец“ изразуваат голема благодарност до Јавна соба и Н.У Центар за култура Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес за отстапениот простор и техничката поддршка.


Проектот е реализиран со поддршка од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Репризата на „Добри луѓе“ е во месец декември повторно во Велес.

Театар „Златен Елец“ во месец ноември патува низ државата со новата претстава за деца „Чудесниот напиток“ во авторство на Надица Петрова, во Скопје претставата е на репертоарот во Јавна Соба веќе во недела(5.11) во 14 часот.


Дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска  е селектирана во рамките на фестивалот МОТ 2023, БИШ СЕЛЕКЦИЈА (14.11) во МКЦ од 22 часот.

„Не се курчи“, „Грета“, „Пингвинот“, „Тајната книга на дедо“ се претставите кои исто така ќе имаат изведби месецов во Скопје и низ државата. – велат од  независниот Театар „Златен Елец“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Спектакуларната музичка драма „Валкира“ од Рихард Вагнер во изведба на Софиската опера и балет вечерва во НОБ

Во рамките на 52-то издание на „Мајските оперски вечери“, вечерва со почеток во 18:00 часот …