Once Upon A Time In The East – изложба на Томе Аџиевски во Чифте Амам

На 9 ноември, четврток, во 19:30 часот, во Националната галерија, во објектот Чифте амам, ќе се отвори најновата изложба на авторот Томе Аџиевски, насловена ONCE UPON A TIME IN THE EAST.

Томе Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на т.н. средна генерација македонски современи уметници кои се појавуваат во 90-тите години (дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во 1983 година). Со својот младешко-бунтовнички карактер и желбата за „револуционерни“ и брзи промени во уметноста кај нас, влијае врз осовременување на македонскиот визуелен вокабулар како дел од македонската постмодерна. Контроверзен но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела кои имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент.


Се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век, кои како да се движат по некоја циклична траекторија до ден-денес, со пресвртни револуционерни мигови што доведуваат до смена на темпото, на разбирањето на уметноста и на нејзината улога и, секако, на улогата на уметникот во социо-општествениот хабитус.

Најновиот творечки циклус на Томе Аџиевски ONCE UPON A TIME IN THE EAST претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нејзината уметничка револуција – како реакција на општествената револуција. Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т. е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира.


Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 70-тите, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде што геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци со децении.

Сето тоа авторот го прави со една навидум „лесна“ и за него препознатлива визуелна матрица, употребувајќи користени и отпадни материјали или некои наменски снабдени за неговите скулптури, создавајќи просторно-формални конгломерации со трансгресивни и моќни скулпторски аспирации што го освојуваат просторот на амамот. Станува збор за мултимедијални дела кои содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, каиши, пластични канистри, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран итн.


Изложбата ќе трае до 29 ноември. Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Што нè советуваат ѕвездите за утре, 22.05.2024 година, во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: На Овенот му претстои успешен и активен ден, без разлика дали се работи …