Младите му велат „Бај-бај!” на сајбер-булингот и говорот на омраза на интернет

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија го најавуваат почетокот на младинската кампања за побезбеден интернет простор

 По повод Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза, УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија започнаа нова кампања на социјалните медиуми против сајбер-булингот и онлајн говорот на омраза, којашто беше создадена заедно со деца и млади лица.


Под слоганот „За булингот крај, бај-бај”, кампањата вклучува над дваесет видеа за социјалните медиуми. Некои вклучуваат пораки како „Зборовите имаат тежина, затоа бирајте ги внимателно” за да го насочат вниманието кон штетните влијанија на сајбер-булингот. Други вклучуваат пораки коишто ги повикуваат самите млади луѓе да не бидат пасивни набљудувачи и да понудат поддршка доколку се сведоци на сајбер-булинг.

„Насекаде во светот, сајбер-булингот е секојдневна реалност за децата и младите. Повторливото навредливо однесување коешто има за цел да ги исплаши, налути или засрами оние кон коишто е насочено, влијае на нивната севкупна емоционална благосостојба и менталното здравје”, истакна Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ. „Горда сум што гледам дека самите млади луѓе се собраа за да го кренат својот глас и да ја искористат својата креативност за да промовираат почит и љубезност кон своите врсници и да ги одбранат жртвите.”


„Нашата цел е да им дадаме глас на младите да се борат против говорот на омраза на интернет. Да им дадеме алатки и знаење, да ги поттикнеме да бидат гласни и храбри. Но крајниот продукт, кампањата во која тие се креатори, режисери, актери е целосно нивен. Нивната страст и посветеност јасно се гледа во креативните решенија. Горди сме на нивното постигнување и веруваме дека ќе влијаеме позитивно на многу други млади луѓе”, истакна Леа Липша, директор на Фондацијата Телеком за Македонија. 

Кампањата беше подготвена заедно со триесетина деца и млади  коишто неуморно работеа на работилниците за заедничко создавање кампања на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.


Заеднички создадената кампања беше подготвена како дел од долгорочното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, чија цел е да ги вклучи децата и младите лица во справувањето со некои од најголемите предизвици со коишто се соочува нивната генерација.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …