До крајот на оваа недела во Македонија ќе се менуваат сончевите и облачните периоди, а нема да недостасува и маглата по одделни котлични и речни долини, особено во утринските часови. Повремено ќе биде и ветровито, односно ќе дува умерен, повремено и локално засилен ветер од западен и од северозападен правец, информира Попоски од Метеоаларм.
Под влијание на влажен и постуден воздушен бран од север, во петок ќе имаме врнежи од дожд од локален караткер и тоа на ниските места (градовите), на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег. Понекаде врнежите ќе бидат со умерен интензитет и ќе наврнат над 10 л/м2 воден талог.
Во петок попладне и рано навечер снежната граница ќе се спушти до 1000 метри надморска височина, понекаде може и под 1000 метри.
Сепак за време на викендот повторно ќе имаме стабилно и суво време. Ветерот ќе ја намали својата брзина, па така по одделни котлини и речни долини повторно ќе се создават услови за појава на магла и на ниска облачност.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време, со повремен локален дожд и снег на околните планини во петок.
Наутро температурите до крајот на оваа недела ќе се спуштаат во интервалот од -4 до 4 степени, максималните дневни температури пак ќе се спуштаат во интервалот од 7 до 13 степени, во петок поради продорот на постуден воздух од север тие ќе бидат пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 9 степени.
НАПОМЕНА: Според најновите анализи со кој располагаме, не се исклучува можноста после 25 декември територијата на Македонија повторно да биде зафатена од многу студен бран од Арктикот кој повторно би условил врнежи од снег во најголем дел од Македонија. Секако, ова е сеуште неофицијално, состојбата будно ќе ја следиме и навремено ќе информираме.
За нови, детални и по потреба обновени метео информации, следете го официјалниот фејсбук профил на Славчо Попоски тука!