Македонски уметници на меѓународна стрип колонија „Рашка 2018“

Од 3 до 7 август, на брегот на живописното Семетешко Езеро, во непосредна близина на Рашка, беше одржана меѓународната стрип-колонија „Рашка 2018“. И оваа година, исто како и претходните, не помина без македонските стрип-уметници.
Стрип-колонијата во Рашка, која по својот карактер е уникатна не само во Србија туку и во целиот регион, се одржува традиционално веќе седми пат. Таа беше во организација на Центарот за култура, образование и информирање „Градац“, Клубот на ликовните уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Општина Рашка. Покрај учесниците од стрип-школите од Белград, Лесковац, Никшиќ и од домаќинот Рашка, учество на оваа петдневна манифестација зедоа и претставници од стрип-школата од Велес, што е резултат на меѓународниот ангажман на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и на неговиот проект-менаџер Томе Трајков.
„Третпат сум во организацијата на стрип-колонијата во Рашка. Соработката со стриповските уметници од Македонија сите три години е на највисоко ниво“, вели историчарката на уметност Danijela Matovic. „Од почетокот се со нас. Со своето несебично знаење и искуство придонесоа да се зацврсти темелот на нашиот настан, а со својата љубезност и добра комуникација со другите учесници ја направија и атмосферата во Рашка попријатна и потопла. Очекувам дека соработката и во иднина ќе биде продолжена. Македонија има одлични претставници на деветтата уметност, кои во најдобро светло ја претставуваат надвор од нејзините граници“.


Несебично подучувајќи ги младите таленти и откривајќи дел од малите тајни на големите мајстори, свои излагања на колонијата имаа Дарко Стојановиќ и светски познатиот сликар и стрип-автор Петар Меселџија. Предавања одржаа и членовите на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, неповторливиот Жељко Пахек и секогаш елоквентниот Бојан Ѓукиќ кој воедно имаше и изложба. А во позначајните имиња од 30-ината годинашни учесници се вбројуваат и Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќć, Илија Никчевиќ и Машан Савелиќ.
Во рамките на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во кој, меѓу другите, е објавен и стрип од 12 страници на сценаристотАлександар Стеванов од Штип и на илустраторот Дарко Богданов од Виница. А покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучително и последните два броја на магазинот „Стрип креатор“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …