Вечерва во Културно Информативниот Центар во Скопје, во Салонот Империал II, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Мајкинство“ на нашата уметничка група МОМИ.
Teмата на која заеднички работевме изминатата година е темата „Мајкинство“, тема која е едноставна, но многу длабока. Сигурно ќе се запрашате зошто „мајкинство“ наместо „мајчинство“. Затоа што „Мајкинство“ како наслов подобро го рефлектира значењето на она што сакаме да го прикажеме. Иако како збор не постои во нашиот литературен јазик, овој збор е поблиску изведен и има поцврста врска со зборот „Мајка“. Она кое најмногу нѐ обединува во нашата група е мајкинството. Оваа улога и функција ја носиме со нашето раѓање и свесно или несвесно секогаш се рефлектира во нашите творби.
Мајкинството е принцип кој го обликува човештвото. Тоа е изворна сила што секоја од нас ја носи во себе, сила со која го негуваме домот и сила со која го обликуваме општеството и идните генерации. Доживувањето на мајкинската сила и создавањето со мајкинско чувство е моќна движечка сила која ја препознаваме буквално во сиот жив свет. Самото создавање е маjкински принцип. Творењето е раѓање на дело. Блискоста на мајкиното доживување и потребата да се допре уште поблиску до мајкинскиот аспект во себе е наш предизвик и задача која сакаме да ја развиеме преку создавањето и градењето на нашите дела, ем индивидуално, ем заеднички како едно дело. Мајка, тоа е секоја жена, бидејќи без разлика дали имаме или немаме деца, ние истовремено сме и жени, и мајки, и во домот и во општеството.
Изложбата „Мајкинство“ растеше и се развиваше преку заеднички процес на создавање и интеракција меѓу членовите на нашата група во текот на повеќе месеци. Нашата група има 7 члена, и секоја од нас иницираше дело на зададената тема. Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да надополни било кое од делата според своето видување и интерпретација.
Така делата се надополнуваа и се приближуваа кон својата конечна форма. Крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место.
MОMИ е уметничка група од седум авторки кои делуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите креативни идеи и инспирации за создавање, како и блискоста на проблематиките кои се провокативни за нивно истражување. Групата МОМИ ја сочинуваат: Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска. Пред основањето на групата соработуваат на бројни проекти и се основачки членови на поголемиот уметнички колектив Art I.N.S.T.I.T.U.T. основан во Скопје 2009 година. Во рамките на групата МОМИ реализираат повеќе изложби и проекти. Се претставуваат со индивидуални дела тематски посветени, додека голем дел од проектите вклучуваат заеднички процес и интеракција меѓу членовите. Некои од изложбите вклучуваат интеракција со публиката во процесот на изработка и презентација.