Костадиновска-Стојчевска: Дигитализацијата на картотеките во Институтот за македонски јазик е патриотизам манифестиран со дела

Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” денеска беше претставен целосно завршениот проект за дигитализација на сите картотеки, со што дигитализирани и трајно заштитени се пет милиони ливчиња, јазични записи грижливо и посветено собирани со децении на терен од вработените во Институтот, од бројни истражувачи, студенти и вљубеници во јазикот.

Проектот се реализира во годината кога се одбележува 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков.


Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека со овој комплексен проект, кој се реализираше со средства на Министерството за култура и Владата преку Фондот за иновации и технолошки развој, направен е историски зафат за да се спаси непроценливо богатство.

„Проектот за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик е макотрпен, но исклучително важен потфат, патриотизам манифестиран со дела. На дело покажавме што значи вистинска заштита на македонскиот јазик и историја, заштита на македонскиот идентитет и зачувување на ова јазично духовно богатство за идните генерации”, рече Костадиновска-Стојчевска.


This image has an empty alt attribute; its file name is kostadinova.jpg

Таа додаде дека на овој начин им оддаваме почит и на генерациите ентузијасти, македонисти, истражувачи на јазикот, чуватели на нашиот идентитет.


„Дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, останува наш врвен приоритет. Ние сме должни да ги заштитиме нашата култура и историјата на нашиот јазик. Преку овој проект, тоа и го правиме”, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

На настанот се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски кој истакна дека македонскиот јазик е нашиот идентитет, нашата гордост и срцето на нашата нација, кој треба да го негуваме, заштитиме и пренесуваме на следните генерации како наше најголемо духовно и културно наследство.

„Во таа насока, со дигитализација на македонски записи во изворен облик, со овој проект успеавме трајно да зачуваме од уништување над 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази, од периодот 14 и 15 век, се внимателно собирани и чувани со особена грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин, македонски јазик, со цел да се зачува неговата автентичност и традиција, која и ние ја продолжуваме понатаму на нашите поколенија”, рече Ковачевски. Тој додаде дека културното наследство на македонскиот јазик е аманет со кој треба да се гордееме бидејќи само преку негувањето и зачувувањето на нашиот јазик и неговата изворна содржина, ќе може да го зачуваме и сопствениот идентитет, за кој се избориле генерациите пред нас, а нам нѝ е оставен како завет од кој не смее да се откажеме.

This image has an empty alt attribute; its file name is kostadinova-2.jpg

Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, пак, истакна дека ова е исторски момент за Институтот за македонски јазик затоа што на овој начин ексцерпираните материјали со кои се полни картотеките конечно се дигитализирани и овековечени.

„На овој начин, оваа генерација лингвисти во Институтот за македонски јазик се погрижи трудот на основачите и на сите колеги да биде зачуван и достапен за лингвистичката јавност”, нагласи Јованова-Грујовска. Таа додаде дека и целокупното творештво на Блаже Конески е дигитализирано и се наоѓа во картотеката на Толковниот речник.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Фестим Халили, истакна дека станува збор за проект на дигитална трансформација со кој радикално ќе се промени пристапноста и заштитата на изворите на македонскот јазик. Тој потсети дека проектот е кофинансиран од Министерството за култура и од Фондот за иновации со 14 милиони денари.

Презентацијата на дигитализираниот материјал ја извршија претставниците на Архивскиот дата центар „Инбокс” кои го реализираа процесот на скенирање и архивирање на картотеките.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …