Концерт на ансамблот “Николов-Ивановиќ Ундектет“ и промоција на нивниот нов албум “Дистопија” во Филхармонија

Вечерва со почеток во 20:00 часот, во Филхармонија гостува еден од најквалитетните и најкреативните ансамбли во регионот “Ундектет”. Не пропуштајте ја оваа несекојдневна музичка џез-сеанса и промоцијата на нивниот нов албум “Дистопија”.

Предводник на овој супер бенд е нашиот маестрален музички уметник Владимир Николов, кој успешно гради меѓународна кариера долги години наназад.


„Николов-Ивановиќ Ундектет“ е составен од:

Лука Игњатовиќ – алт саксофон, флејта
Кристијан Млачак – тенор, сопран саксофон
Лео Геди – баритон саксофон, бас кларинет
Оливие Лене – труба
Милан Роксандиќ – хорна
Себастиен Ладо – тромбон
Милош Будимиров – туба
Ное Клерк – хармоника, акордина
Владимир Николов – пијано
Михаил Иванов – контрабас, бас гитара
Срѓан Ивановиќ – тапани


Врската помеѓу традицијата и модерното, „старите добри“ времиња и современиот пристап кон музиката, е пресвртница на целата сегашна и идна џез-сцена. Дали постои златна средина, основа на која се среќаваат и коегзистираат овие две, навидум спротивставени тенденции? Единаесетчлениот бенд на композиторот Владимир Николов и тапанарот Срѓан Ивановиќ, изгледа, се обидува да даде одговор на ова прашање. Двајца балкански музичари со респектабилна интернационална кариера се вистинскиот избор за ваков експеримент. Додека Николов е истакнат во својата работа како аранжер и композитор со светски оркестри и ансамбли, Ивановиќ е нешто поактивен во помали формации. Публиката го познава како лидер на бендот Blazin’ Quartet, претставувајќи ја оригиналната визија за приклучување кон модерниот европски џез со балкански влијанија. Угледниот Jazz Times овој ансамбл го вброи меѓу најкреативните големи џез-ансамбли во Европа. Оркестарот е составен од внимателна селекција на музичари од помладата и средната генерација од балканскиот регион, измешани со уште помлади сили од Франција – во модерен џез-ансамбл.

Нивниот трет албум „Дистопија“ е нова приказна со девет авторски композиции, кои обработуваат социјални и протестни теми. Овој албум ќе биде издаден во Србија и во земјите на поранешна Југославија во декември 2023 година, а во остатокот од светот – во 2024 година. Првиот сингл од овој албум, „Scream“, веќе е објавен на Youtube. Концертот во Скопје, на 12 декември, е дел од промотивната турнеја на новиот албум на „Николов-Ивановиќ Ундектет“.


 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …