Интервју со маестра Дијана Имери Илкоска: Им се восхитувам на сите луѓе кои со многу труд и едукација ги постигнуваат целите во животот

Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на Маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми. Носител е на бројни награди во повеќе дисциплини. Актуелна е со својот настап во Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија како прва жена што диригирала во таа сала во која настапил и славниот Рахмањинов, а подготвува и многу нови проекти. За сето ова, а и за многу други интересни теми поразговаравме со Дијана Имери Илкоска, а вие уживајте во интервјуто подолу.

Кога се јави желбата да се занимавате со музика, поточно кога се заинтересиравте за диригирање? Дали можеби има и нешто наследно?


– Да се занимавам со музика беше желба уште од детството, следејќи ја мојата мајка како пример која што е исто така музичар, желба што впрочем ја има скоро секое дете. Таа желба се потхрануваше со годините и прерасна во стручна едукација во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Средношколските денови за мене беа вистинска инспирација и можност да се спознаам себеси, веројатно и самите години си го прават своето, бидејќи човек тогаш вистински созрева и осознава многу нешта. Тогаш започнав на музиката да гледам како на професија, се опседнав слушајќи исклучиво класична музика, буквално престојував во Домот на Армијата каде будно ги следев сите концерти и проби на Македонската Филхармонија која што тогаш дејствуваше во нивните простории. Од тука, би рекла и природно се роди љубовта кон професијата диригент, на која што решив да и’ се посветам дури во студентските денови, каде како студент по музичка тероија и педагогија на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје решив да запишам уште еден факултет, односно студиите по диригирање кај мојот професор Саша Николовски – Ѓумар. Моето студирање траеше осум години, а на крајот се стекнав со две дипломи и звање со три отсеци – дипломиран музичар – теоретичар – педагог, хорски диригент и оркестарски диригент. Оваа „увертира“ во која ги објаснувам моите почетоци е долга затоа што сакам да појаснам дека желбата да се занимава некој со оваа професија и талентот кој го поседува секој музикален човек е само еден „инпут“ кон кој што треба да цели секој иден диригент. Едукацијата, аналитичкиот пристап и праксата (која во нашите услови доаѓа многу тешко) се своевиден филтер низ кој што треба секој да помине, бидејќи така се создава вистински квалитет.

Дали имате диригенти/ки на кои им се восхитувате и кои ви служат за пример?


– Им се восхитувам на сите луѓе кои со многу труд и едукација ги постигнуваат целите во животот. Така и со музичарите, независно дали се диригенти, композитори, инструменталисти… посебна почит и восхит уживаат кај мене сите оние кои успеале или успеваат да продрат длабоко во сржта на музиката, изучувајќи го секој аспект од неа, а со тоа безпрекорно го владеат секој музички жанр, имаат способност да свират повеќе музички инструменти, можат да компонираат и оркестрираат музика од различен вид и жанр. Таквите музичари се вистински уникат и затоа се многу ретки. Еден од нив е светски познатиот диригент, композитор, пијанист и што уште не – Маестро Леонид Бернштајн, на кој што одново и одново му се восхитувам и ми служи како пример за пристапот кон музиката.


Како успевате да обезбедите рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот?

– Многу едноставно – со голема љубов, разбирање и поддршка од најблиските. Сите сегменти од професијата стануваат секундарни кога е во прашање семејството и обратно, токму поради поддршката која доаѓа од најблиските во семејството. Иако на моменти е многу тешко да се „жонглира“ со сите сфери од живеењето, повеќето од времето мораме да мериме на вагата на приоритетите, но рамнотежата на крајот на краиштата доаѓа сама по себе затоа што нејзе ја сочинуваат две страни. Колку и да се трудам некогаш да балансирам, во турбуленциите што ни ги приредува секојдневието некогаш ќе натежнат потешкотиите, но затоа е тука другата страна да ме издигне и да го врати балансот во мене и повторно да го почуствувам тлото под нозете.

Со кои се предизвици се соочувате додека диригирате настапи во живо? И што е најнеочекуваното нешто што ви се случило додека сте диригирале?

– Сите мои настапи до сега биле во живо и на секој од нив се случуваат различни и непредвидливи работи, но сето тоа било во позитивна смисла на зборот. Не можам да се сетам на некоја непријатност во смисла на погрешно свирење на оркестарот или да се изгубиме некаде во процесот на изведбата, иако сме сведоци на такви случки и во минатото и денес. Но за среќа, мене лично такво нешто не ми се случиило, напротив, секогаш имам чувство на сигурност кога настапувам со колегите музичари, тоа е чувство што и тие ми го влеваат мене, а и јас ним, тоа е една взаемна сорабтка во која сите заедно дишат и музицираат. Но ме вадат од такт телефоните кои безобразно се вклучени гласно да ѕвонат на сред концерти, иако пред секој концерт се обрнува посебно внимание тоа да не се случува. Ми се има случено и мене, на мој настап, на најтивкиот и најубавиот момент во композицијата да заѕвони мобилен телефон и тоа да трае доволно време за да ја унишни целата изведба. Еве ова нека биде и своевиден апел до сите оние кои ќе го проичитаат ова да имаат предвид дека треба да се погрижат мобилните телефони да ги исклучат, да не го прекинуваат процесот на музицирање и да се препуштат на музиката додека ја слушаат.

Како изгледа еден ваш работен ден и како се подготвувате за концертите?

– Секој работен ден го започнувам со пиење на утринско кафе заедно со мојот сопруг. Тој половина час е само за нас и го користиме да си раскажеме се што не сме успеале да си кажеме претходниот ден и да се договориме како ќе ги распределиме обврските во денот што е пред нас. Потоа најголемиот дел од денот го поминувам на моето работно место – во Македонската Филхармонија, каде што постојано сум опкружена со музика, секојдневно се соочувам со многу предизвици и активности. По завршување на работното време со задоволство се враќам во мојот дом опкружена со моето семејство, колку што ни дозволува слободното време го користам за заеднички активности со мојата ќерка, сакам да одвојувам време за посета на нашите родители од кои што црпам многу позитивна енергија, а доцна во ноќните часови се припремам за претстојни концерти, преку анализирање на партитурите, преслушување на музички снимки од делата што треба да ги диригирам, размислувам стратешки кои делови ќе треба повеќе време да им посветам на пробата со оркестарот… во принцип се обидувам во секој слободен момент да мислам на ангажманите кои ме очекуваат и тоа на еден начин ми е и подготовка за самите концерти.

Кои се вашите барања од оркестарските музичари кога диригирате?

– Кога работам со било кој оркестар, максимално се трудам да не бидам јас таа која ќе се наметне како некој кој што треба да има барање од нив. Иако можеби мојата професија го оправдува таквиот однос, јас на работата со оркестарот гледам како на взаемна заложба да се создаде, да се креира нешто убаво, да се пристапи на музиката со огромна љубопитност и креативност. На крајот на денот, изведбата се должи на взаемното музицирање и комуникација меѓу диригентот и оркестарот. Оркестарот е мој инструмент, а на инструментот ако не му пружите доволно љубов, почит и внимание тој нема да свири убаво. Во поглед на музиката, се трудам да не отскокнувам многу од барањата што ги има композиторот напишано во партитурата. Секако дека некогаш си дозволувам да бидам уникатна во некои музички креации, но сето тоа претходно го преиспитувам дали се коси со естетските норми кои ги диктира епохата или периодот во кој припаѓа таа музика која ја изведуваме.

Што највеќе сакате во својата професија и кои се вашите долгорочни цели како диригент?

– Ова е можеби најкомплексното прашање на кое не би можела кратко да одговорам, но ќе се обидам. Професијата диригент според мене е една од најкомплексните професии во областа на музичката уметност, бидејќи да се биде диригент значи да се поседуваат вештини и способности во исто време да се согледаат и „крупната слика“ и деталите во една музичка заедница. Пандан на режисерот во филмската уметност, диригентот треба да умее како да менаџира со оркестарот, да има харизма за да може непосредно да комуницира со публиката, да умее како да го пренесе музичкото дело пред оркестарот, а оркестарот пред публиката. А за да го пренесе музичкото дело пред оркестарот потребни се многучасовни и многугодишни подготовки и изучување на законитостите на музиката општо, техничките можности на инструментите во оркестарот, изведувачките способности на музичкиот апарат, а пред се’ треба да умее да е добар психолог, бидејќи неговиот музички апарат – оркестарот е составен од луѓе секој со свој карактер и личност, кои да се спојат во една заедничка приказна и од нив да се направи уметност е вистински предизвик. Сето ова заедно совршено се вклопува во мојата личност, не затоа што јас ги поседувам сите овие способности и вештини, туку затоа што во мојот карактер е темелноста и на секоја работа ѝ пристапувам со тенденција да продрам во нејзината срж, од најбаналните работи како на пример водење грижа за хигиената на станот во кој живеам, па се’ до сите овие сегменти кои ја сочинуваат професијата диригент. Ја сакам оваа професија затоа што секојдневно одново и одновно осознавам нови сегменти од нејзе, запознавам нови луѓе, во постојан контакт сум со за мене најубавата уметност – музиката, па и кога е тешко всушност е и забавно. Не знам каде ќе ме одведе патот, но музиката и уметноста секогаш ќе бидат на врвот на пирамидата наречена професија.

Зошто сè уште има толку малку женски диригенти? Дали нешто се прави во врска со тоа и дали има интерес кај младите да се занимаваат со оваа професија?

– Ова е модерно прашање кое станува се повеќе актуелно, а причината за актуелноста, како и во било која друга сфера од човековото постоење, јас лично ја наоѓам во кршењето на предрасудите и рушењето на стереотипите. Жената во современото општество се стреми кон рамноправност во секој сегмент од живеењето и можам слободно да кажам дека тој стремеж ја оправдува целта! Сведоци сме на бројни достигнувања кои го покажуваат токму тоа – дека жената може да биде подеднакво добар земјоделец, возач, инжињер, архитект, функционер, дипломат, па и диригент. Јас лично никогаш на полот не сум гледала како на предност или недостаток, но веројатно се работи за предрасуда во која одредено општество сеуште верува. Но моќта секогаш била и останува на индивидуалецот – силниот индивидуалец е тука да ги скрши сите предрасуди, со вистински квалитети и посветеност на работата. Иако професијата диригент сеуште важи за „машка“ професија, поготово во општества слични на нашето, јас сепак мислам дека има напредок на тоа поле. Се повеќе млади диригентки се охрабруваат да тргнат по овој пат, оглеувајќи се на многуте примери кај нас и во светот, а мене лично тоа посебно ме радува.

Што мислите, каква улога играат диригентите во обликувањето на иднината на класичната музика?

– Еден диригент покрај својата уметничка работа која му е примарна, исто така има значајна општествена улога. Природата на професијата остава простор за едно позитивно влијание не само врз културниот живот, туку и јавниот. Бидејќи личноста на диригентот треба да ги содржи оние вредности кои служат како компас за многу луѓе. Препознавајќи го тоа, лично се заложувам и јас самата да се движам во тој правец со бројни иницијативи од општо добро за нашата средина. Еден од неодамнешните примери за таа моја заложба се музичките работилници за деца од рана училишна возраст за кои има неверојатен интерес. Овие работилници се одвиваа во специјалното детско катче во просториите на Филхармонија и вродија со прекрасни резултати. Покрај децата кои се нашата иднина, диригентите имаат можност да учествуваат и во активности од хуманитарен карактер и со тоа да придонесат кон една благородна цел. Во суштина можностите позитивно да се делува во едно општество се неограничени онолку колку што е неограничена фантазијата и душата на еден човек.

Што треба да се направи за уште повеќе да се промовира класичната музика особено кај помладите генерации?

– Медиумите имаат клучна улога во ова прашање. Тие можат најдиректно да влијаат во насока на информирање на граѓаните за културниот живот, но и оној друг дел кој што е многу значаен, а тоа е поттикнување на дебата за значајните прашања во животот на еден човек. Со самото тоа што културата и уметноста ќе станат поизложени и подостапни, голем дел од проблемите ќе се намалат како директна последица. Медиумите се тие кои поттикнуваат одреден вид однесување, креираат вкус и естетика, јавно мислење, па оттука наместо да се фокусираат на презентирање на негативните вести, шунд, агресија, стерилност, рамнодушност, апатија и сивило спакувана во именката „анксиозност“ како состојба на умот, можат да постават пример преку кој вистинските вредности ќе се вратат во секојдневието на луѓето, а нема да бидат ретки појави.

Актуелни сте со настапот во Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија како прва жена што диригирала во таа сала во која настапил и славниот Рахмањинов. Што претставува ова искуство за вас?

– За мене секој настап и дома и во странство претставува огромен предизвик на кој многу му се радувам. Настапот во Тбилиси, Грузија со камерниот оркестар „Гија Канчели“ ми беше вистинска инсирација затоа што дојде во вистинско време и со вистински уметници кои имаат посебен однос кон музиката и уметноста. Концертот со кој што заврши Фестивалот за класична музика кој што се оддржува секоја година во Тбилиси во Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ беше проследен со овации од публиката која неколкупати не’ враќаше на сцената. Салата во која што настапувал светски познатиот пијанист и композитор Сергеј Рахмањинов беше исполнета до последното место. Оркестарот составен од прекрасни млади музичари беше на ниво на задачата од првата проба па се’ до самиот крај. Соработката со нив за мене беше вистинска инспирација, не само затоа што како што тие самите ми кажаа дека сум првата жена диригент која работела со нив, туку и поради тоа што веднаш после првата проба еден од продуцентите на оркестарот ми кажаа дека до сега немале прилика да соработуваат со диригент кој им се обраќа со толкава почит и која што за музиката зборува и раскажува со толку љубов и енергија. Секако дека такви зборови му годат на секој млад диригент, а мене лично сето тоа ми претставува огромна чест и поттик за идни подвизи.

На што работите во моментов и каде следно ќе настапувате?

– Во моментов работам на концертот за пијано и оркестар бр.2 на Фредерик Шопен, кој што ќе го изведеме заедно со мојот камерен оркестар ID Chamber Orchestra, а како солист зад пијаното ќе биде мојот сопруг, пијанистот Дино Имери. Концертот ќе биде истовремено и одбележување на еден специјален јубилеј – 30-годишнина од воспоствавување на дипломатски односи меѓу Македонија и Полска и ќе се оддржи на 04.12.2023 во камерната (мала) сала во Филхармонија, а јас го чекам со нетрпение. По овој концерт следува Новогодишниот концерт за деца, кој што се оддржува традиционално секоја година во Филхармонија, заедно со моите колеги од оркестарот на Македонската Филхармонија. Овој концерт нема да биде реприза на некој претходен, ќе биде нешто сосема ново, доживување кое верувам дека децата ќе го паметат и ќе им разбуди чувства за кои долго ќе зборуваат и ќе извлечат убави пораки. Сценариото и музичката програма не би сакала сеуште да ги откријам, но ветувам прекрасен концерт од кој децата ќе понесат дома убави спомени.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден пред 23 години се збогувавме од нашиот истакнат актер Јосиф Јосифовски

Јосиф Јосифовски бил роден во Велес на 29 август 1927 година. Актер кој долги години …