Филипче: „Се намалува бројот на случаи со ковид-19, мерките мора да се почитуваат, мора да има санкција каде има прекршување“

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина”, на Канал 5 Телевизија изјави се намалува бројот на нови случаи кога се гледаат неделните анализи и дека има сериозно зголемување на бројот на тестови со што се откриени и голем број асимптоматски случаи што придонесува во намалувањето на ширењето на вирусот. Тој истакна  дека состојбата со коронавирусот кај нас е стабилна и ситуацијата е под контрола на што укажуваат податоците за сериозно намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот период и на помалиот број случаи на хоспитализирани.

„Во континуитет гледајќи ги неделните анализи бројот на новозаразени се намалува. А тоа се должи на сериозното зголемување на направените тестови,а со тоа и откривањето на асимптоматските пациенти кои се многу битни за спречување на понатамошното ширење на вирусот. Увидот на епидемиолошките прашалници ни укажува дека точно знаеме секој пациент од каде е заразен, се прави анализа, се бараат контактите. Благодарение на стратегијата на широко тестирање и стратегијата на тестирањето на контактите коишто немаат симптоми, а епидемиологот ќе утврди дека се од висок ризик – ние успеваме да откриеме голем процент – близу 30, на пациенти кои се асимптоматски. На овој начин се спречува понатамошната трансмисија на вирусот кај човекот кој не е свесен дека е носител на вирусот, поради тоа што нема никакви симптоми”, потенцираше министерот Филипче.
Во емисијата, министерот Филипче посочи дека почетокот на вториот бран главно се должеше на непочитување на превентивните мерките.
„Кај нас никогаш целосно мерките не се попуштија. Ние и сега немаме целосно попуштање на ниту една мерка којашто се однесува на било кој економски оператор, угостителски објект, хотел итн. Ние сме една од ретките земји која има протокол за апсолутно се. Имаме протокол за работа на угостителски објекти, разни спортски настани, тренинзи, имаме забрана за одржување на натпревари со публика. Вирусот е тука. Нема туку така да го снема. На почетокот кога се воведуваа рестриктивни мерки во движењето тоа беа мерките кои дефинитивно влијаеја да падне трансмисијата, останува големо прашање дали дури и рестирикцијата на движењето во некој период понатаму кога вирусот е проширен во населението – не само кај нас, туку во било која земја може да даде такви добри резултати како што даде претходно. “, рече министерот Филипче и додаде дека се надева дека нема да дојде до ситуација да има потреба од рестрикција на движење.
Во однос на настаните во кои не се почитуваат протоколите за работа, тој кажа дека мерките и протоколите мора да се спроведуваат, а надлежните институции мора да контролираат и го санкционираат секое непочитување.
„Има протоколи за било каква организација на настани, но институциите коишто тоа треба да го контролираат, а според тоа мене во изминатиот период имаше сериозни потфрлања не ги контролираа луѓето ниту на јавните места, јавните собири, или на местата каде се организираа одредени настани. Тука се прекршуваа тие протоколи и се докажа дека се ризик. Апсолутно сметам дека тие институции мора многу подобро, поажурно да ја вршат работата. Мора да има санкција каде има прекршување на овие правила. Треба поинтензивно да се работи на терен. Тоа е сериозно загрозување на јавното здравје. МВР во изминатиот период можеше да биде поинтензивно и на терен, поинтензивно да врши контрола. Граѓаните да станат свесни дека има институција која се грижи за спроведувањето на протоколите. Не може ние, секојдневно се соочуваме со прашања како Министерство за здравство зошто протоколите не се почитуваат. Ние сме донеле протоколи за апсолутно сите економски оператори, сите компании, сите бизниси коишто тоа од нас го побарале. Меѓутоа, не сме институција која може да се грижи дали тоа се спроведува. Мора граѓаните да се свесни. Мерките мора да се почитуваат. Тоа е еден сериозен механизам да се заштити здравјето”, истакна Филипче.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

На регионот, како и на Македонија и се закануваат локални поројни поплави: Од вечерва, па и во текот на наредната недела силни врнежи, грмежи и временски непогоди

Метео прогноза на Славчо Попоски: Под влијание на циклон од западна Европа, од вечерва, па …