Џими Роџерс доаѓа во Скопје – Пејачот, текстописец и гитарист кој ќе те натера да потонеш во неговите мелодии

Во рамките на Скопскиот градски фестивал 2024, на 7 мај, во Камерната сала на Филхармонија, настапува дуото Роџерс и Харисон (Roggers&Harrison) со нивниот последен проект „Вагабундо“, префинет и возбудлив спој од смут џез, њу ејџ и етно елементи.

Џими Роџерс е австриски државјанин роден во Македонија, пеач, текстописец и гитарист со меѓународна кариера, која ја именува како „Патување по патеките на музичарите“ и која ја започнува со само 16 години како уличен музичар низ Германија, Франција и Швајцарија.
Иако дипломиран студент на Факултетот за физичка култура на УКИМ во Скопје, тој се фокусира на музичката кариера, инспириран од музиката на James Taylor, Cat Stevens, Arlo Guthrie, Paul Simon, Bob Dylan, а подоцна и од Bruce Springsteen, Mark Knopfler, Joni Mitchell и други, експериментирајќи со многу различни стилови и постепено градејќи го својот оригинален пристап.


Првиот позначаен успех доаѓа во 1991 година кога кантри музиката станува негов доминантен стил. Во 1994 година со својот бенд го издава првиот албум „Fancy Cowboys“, станува популарен и тој, како успешен музичар, настапува на големите кантри фестивали во Австрија, Германија и Швајцарија.
Вториот негов албум „When the Sun begins to Shine“ е снимен во 1997 во Texas, USA, чиј продуценти е Wink Taylor (George Strait) и Frank Wilson и е презентиран на многу светски радио станици.

По враќањето во Австрија, заедно со неговиот пријател Tex Robinson, го издаваат албумот „Colors of Life“, промовиран од „Allmusica” Hamburg label.


Заедно со Waterloo, Andy Lee Land and Tex Robinson, во 2008 година работи на проектот „Најдоброто од земјата Австрија“, организиран од TV Burgenland (Tyrolis Records). Во 2009 година постигнува нов пробив со неговата музика од новиот албум „Steep and Deep“. Сега веќе неговата музика сè повеќе се движи кон блуз, но сепак доминантна одлика ќе остане комбинацијата на различни стилови со сопствениот музички сенс, создавајќи свој оригинален и препознатлив стил. По турнејата со „Steep and Deep“, со бендот кој сега е трио, настапува на меѓународни сцени – од мали настани до големи фестивали, а во 2012 година тие стануваат вице-шампиони на „European Country Music Masters“ во Калкар / Германија. Истата, 2012 година, се предгрупа на славните Назарет. Во 2015 година, на 25-годишнината од неговата присутност на светската музичка сцена, Џими ја издава својата „Ultimate Collection“ со неговите 20 најдобри песни.

Изјавува дека неговиот голем сон е да сними чисто акустичен албум во студиото за снимање „Ромин Кацер“ во Нирнберг. Сонот почнува да станува реалност во летото 2019 година, кога заедно со неговиот партнер Ендрју Харисон, работат на проектот „Вагабундо“, за на почетокот на 2020 година да го издадат ЦД-то, а музиката од албум да биде достапна и на најважните онлајн музички провајдери.


Иако насочен кон светската музичка сцена, изјавува дека Македонија е местото од каде сè почнува, па постојано е присутен и на нашата музичка сцена. Како позначајна за одбележување е 2003 година, кога Џими учествува во голема ТВ продукција, како дел од неговата турнеја низ Македонија.
Во 2022 е дел од Скопското културно лето и настапуваат во фоајето на Македонската опера и балет во Скопје.

Изјавува дека каде и да е, што и да прави, каква музика и да свири, тој секогаш се потпира на македонската музичка традиција. Постојано раскажува за Македонија и нејзината култура, а своите настапи во земјата од која потекнува и која неизбежно го дефинира ги смета за круна на секоја фаза од неговиот музички пат. За себе вели дека се обидува да изгради мостови помеѓу местата каде што е и неговиот роден град Скопје, секаде да ја промовира земјата на неговото потекло – Македонија, што го прави амбасадор на македонската култура во светот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоцијата на новата книга на проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева „Културни практики“

Денес, со почеток во 19:00 часот, во бифе Тафталиџе, книгоиздателството Ми-Ан ве кани на промоцијата …