Работилница со Експресивна Арт Терапија „Маски во движење“ со психологот Ана Тодоровска

Денес со почеток во 18:00 часот во КСП Центар -Јадро во Скопје, како дел од проектот „Кадри на ранливост“, ќе се одржи работилница со Експресивна Арт Терапија насловена „Маски во движење“. Фасилитаторка на работилницата ќе биде Ана Тодоровска, психолог, а учеството е бесплатно.

„Маски во движење“ е динамична работилница на која преку експресивна арт терапија и комбинација на ликовна уметност, движење и драма, учесниците ќе се впуштат во изработка на сопствена маска од различни материјали.


Маската како објект е присутна низ различни култури илјадници години и со различни намени – таа може да сокрива или да открива. Во античкиот римски театар, терминот „персона“ се однесува на маска што ја носат актерите за да прикажуваат различни ликови во театарските претстави. Оттаму, во својата теорија позната како аналитичка психологија, швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг, под „персона“ подразбира социјална маска, начинот на кој се претставуваме пред светот со цел да оставиме одреден впечаток.

На ова три часовно искуство, преку учество во мала група, учесниците ќе:


– Создадат своја маска од различни материјали
– Ќе ја запознаат и истражат својата социјална маска преку индивидуални и групни вежби
– Ќе се вклучат во интерактивни сценарија и раскажување приказни
– Ќе учествуваат во групен процес на креативно самоистражување во сигурна и поддржувачка средина

Работилницата ќе се одвива во четири фази: ориентација, креација, активација, интеграција. Препорачуваме да дојдете во удобна облека која нема да го попречува вашето движење и за која нема да се грижите да ја извалкате.


Претходно искуство и талент за цртање / изведување не се потребни, бидејќи се фокусираме на процесот на создавање, наместо на естетиката на делото. Доволно е само да сте љубопитни и отворени за истражување нови аспекти од себе. Материјалите се обезбедени од организаторот, но секој учесник е добредојден да ја збогати колекцијата со материјали кои веќе не му се потребни (монистри, скршен стар накит и сл.).

Овој проект се реализира од месец јануари до мај во рамки на програмата Артс Хаб, на КСП Центар- Јадро, а се остварува со финансика поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на истакнатиот македонски историчар на уметност и публицист Димитар Ќорнаков

Проф. д-р. Димитар Ќорнаков е роден во 1927 година во Стојаково, Гевгелиско. Тој беше македонски …