Изложба на Лара Ташковска

 

Пламен и прана


Современата македонска сликарка, уметницата Лара Ташковска на 22 февруари со почеток во 19:00ч во изложбениот салон на Центарот за култура Трајко Прокопиев, пред кумановската ликовна публика ќе се претстави со дваесетина дела – слики во техника масло, акрил и акварел. Ова е нејзина прва самостојна изложба по нејзиното враќање од САД, каде има добено награда за Најинспиративна уметност на Арт фестивал во Санта Фе, Њу Мексико во 2015 година. Лара Ташковска е трета генерација ликовни уметници. Таа е ќерка на академикот Васко Ташковски, а нејзиниот дедо Ристо Ристовски, во зрели години се посветува на наивното сликарство.

Ташковска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на оделот за сликарство. Покрај сликарството таа е посветена и на педагошката работа. Во нејзиното Атење за цртање и сликање програмата ја следат, во различни групи, курсисти од сите генерации.


СИМБОЛИКАТА ВО СЛИКАРСТВОТО НА ЛАРА ТАШКОВСКА

Академик Васко Ташковски во предговорот за оваа изложба ќе каже за неа: Лара го избра потешкиот пат на кој се почитуваат традиционалните вредности и сликарските елементи како идејата, цртежот, содржината, композицијата и колоритот. Нејзиното творештво теметски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактеристичен, препознатлив. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско до симболизмот, до магичната и ведра фантастика.


Интимистичките елементи во сликите, како и рационалното движење на четката создаваат една целина. Така рационалното и чуствителното взаемно се дополнуваат, додека нејзиното сликарство во континуитет расте и се усовршува, прецизно водено од нејзиниот сигурен цртеж, од нејзината искусна, вешта рака.

Работејки на кристалите, Лара го кристализира нејзиниот ликовен израз во духот на симболистите. Нејзините маслени и акрилни слики се инспирирани од реалниот живот. Во нејзините акварелни слики доминира вегетацијата, односно магијата на природата донесена со лирско расположение, видено и креирано преку нејзината авторска призма. Карактеристично за нејзиниот ликовен израз е ведрата фантазија во сликањето на пејзажите, и таа тоа многу успешно го прави во сликите создадени во нејзиниот понов ликовен опус.

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …