Ексклузивно интервју со Милчо Манчевски: Јас секогаш верував дека она што имам да го кажам има вистинска вредност, само е прашање на време и на труд за тоа да биде потврдено

Нема доволно зборови за да се опише големината на нашиот Милчо Манчевски. Всушност за него едноставно можеме да оставиме неговите дела да зборуваат. „Пред Дождот“ е вброен од „Њујорк тајмс“ во 1000 најдобри филмови на сите времиња, преку 30 други награди, познат и признат од најголемите имиња во светската филмска индустрија. Неговото творештво се изучува на многу универзитети ширум светот, а и самиот го пренесува своето знаење и искуство на студентите. Меѓу нив веќе има двајца добитници на Оскар, а последниот филм со Џемс Бонд беше режиран токму од негов студент. Како и на сите нас кои останавме нормални во ова лудило, и на нашиот најуспешен режисер му пречи силувањето на неговиот роден град, бетонизацијата и простотилакот. Му пречи и ова непотистичкото и корумпирано општество. За ова и за уште многу други интересни теми поразговаравме со единствениот Милчо Манчевски. Прочитајте!

  • Родени сте во Скопје, детството и младоста ги поминувате во централното јадро на градот. На што најчесто и со задоволство се сеќавате од овој дел од животот и кои спомени ви се најдраги?

– На Градскиот парк. Баба ми ме носеше, во џебот си носеше филџан за кафе и со него пиеше вода од чешмичката. Се радував и на меѓупросторите, на „ничија земја“, простор меѓу згради кој никому не му припаѓаше, кој беше обраснат со коров, на кој можеше да се криеш или да играш џамлии, или да откриваш заборавени нешта… Еден таков „недовршен“ град беше многу похуман од денешната вертикална касаба, од квазиградот задушен од бетонизација, лакомост и простотилак во кој квалитетот на живеење паднал под нулата.


  • Кога се заинтересиравте за филмската уметност и што беше пресудно да ја одберете работата во филмската индустрија како ваша идна професија?

– Сакав да бидам писател, и бев писател. Пишував и објавував, добивав награди – во осмо одделение на „Политика“, три години подоцна за расказот „Самотија“, кој многу подоцна ми послужи како предлошка за филмот „Мајки“… објавував новинарски текстови од 15 години и пред да заминам за Америка, имав објавено скоро 200. Пишував и за „Екран“, имав моја колумна, ама и за „Здраво“, „Синеаст“, „Џубокс“, „Рок“, „Млад борец“, „Нова Македонија“, „Студентски збор“, „Вечер“… Имав понуда од „Млад борец“ професионално да влезам во редакцијата после средно, ама морав да одбијам, оти сакав да студирам. Бев убеден дека кога ќе пораснам ќе бидам писател – иако веќе бев професионално пораснат со толку многу вистински професионално искуство, кога во 4. клас гимназија професорката Олга Пешевска ме праша што ќе студирам. Ѝ кажав дека ќе студирам новинарство. „А ќе умееш ли да се справиш со цензурата, со притисоците?“, ме праша. „Па, не сум баш мераклија на цензура, се карам со уредниците“, ѝ одговорив. Таа ме гледаше сталожено. „А што друго би можел да студирам?“ Таа ми одговори: „Претставите што ги режираш во гимназија ти се одлични, успешни, сите ги сакаат, добиваш награди. Зошто не студираш филм?“ И, така ми влезе чивијата. Сугестија на еден извонреден педагог и добар човек, Олга Пешевска. Инаку, никогаш немаше да ми текне да помислам на филм – иако пишував за филм, гледав многу филмови, режирав претстави…


  • Одлучувате да студирате во странство. Постоеше ли дилемата дали да останете или цврсто бевте решени за студии надвор од државата? Или едноставно бевте далекувид и уште тогаш согледавте дека нашето непотистичко и корумпирано општество ќе ви ги скрати амбициите и апетите за успех?

– Не морав да бидам далекувид – уште тогаш нашето непотистичко и корумпирано општество се покажа на дело. Во Скопје немаше отсек режија, а за Белград немав врски. Решив да студирам на легендарната филмска школа во Лоѓ, во Полска, ама за тоа морав да добијам државна стипендија. Такви беа правилата. И – иако бев првенец на генерација, иако имав милион награди од натпревари, иако професионално веќе пишував за филмската уметност – и покрај сето тоа не добив стипендија од нашите. Стипендија добија децата на филмски работници – иако беа повторувачи. Значи, веќе немав илузии дека во Југославија или Македонија владее правда или фер-плеј или почитување на квалитетот. Не се откажав, седнав и во американскиот центар најдов книга со список на сите филмски школи во САД. Им пишав на некои 20-30 од нив. Ме примија на една од нив, а во Јужен Илиноис, во Карбондејл, добив и стипендија. Така се спакував и купив карта во еден правец.


  • Студиите ги завршивте на Универзитетот во Карбондејл во Илиноис. Како се навикнавте на животот во САД? Што би издвоиле од студентските денови?

– Се најдов во ситуација кога мислев дека имам неограничена слобода. Излегов од една малограѓанска средина каде секој за секого сè знаеше и дојдов во едно место каде што на никого не му беше гајле што правиш. Слободата беше застрашувачка. Во прво време страдав и од носталгија, иако објективно требаше да се радувам од многу причини. Потоа се вклопив во филмската академија, се здружив со други студенти и професори кои дишеа само филм, и тоа експериментален филм, уметнички, авангарден филм. Цело време снимавме и зборувавме за филм, бевме безобразни, ама и многу посветени. Снимив дваесетина експериментални филмови – не филозофиравме, туку создававме.

  • На почетокот од вашата кариера режирате видео спотови за музички групи и изведувачи. Интересно е дека во 1992 година го режирате спотот за нумерата „Tennessee“ на тогаш ултра популарната рап група „Arrested Development“. Како дојде до тоа? Колку и дали овие искуства ви користеа во понатамошната кариера?

– Откако дипломирав се вратив во Македонија, ама тука очигледно им пречев на оние што убаво се беа згнездиле во македонската кинематографија благодарение на династичките и политички врски. Не беа важни талентот и образованието – напротив, тие беа голем минус во една непотистичка средина. Имав проект што се викаше „Мусака“ и „Македонија филм“ сакаше да го продуцира. Во исто време, официјалниот државен продуцент „Вардар филм“ беше во голема криза поради три скапи промашени филмови еден по друг. Директорот на „Вардар филм“ беше уапсен под сомневање за проневера, па ослободен, ама потоа и сменет. Државата назначи три времени управници, триумвират. Не беше важно што двајца од нив имаа свој проект баш во тоа време. Како и да е, и покрај одличните рецензии од Горан Стефановски, Дарко Марковиќ и Горан Марковиќ, естаблишментот го сотре проектот „Мусака“ и тој никогаш не се сними.

Се спакував и се преселив во Њујорк. Во прво време работев што ќе најдев – судски преведувач, молер, растоварање на камиони, монтирање фото-слајдови, службеник во видео-компанија, монтажер, асистент на камера, оператор на телепромптер… Пишував сценарија и ги нудев на продуценти. За да изградам портфолио како режисер за свои пари снимав кратки спотови и реклами за измислени производи. Напишав едно сценарио за кое постоеше интерес, ама сите сакаа да го откупат за тие да го режираат. За да покажам дека умеам да режирам игран филм, решив да ги снимам првите седум минути од филмот. Најдов малку приватни пари, организирав екипа од 30 луѓе, плус десетина актери, статисти, опрема, студио, филмска лента, лабораторија…  Врз основа на тие седум минути добив понуда да снимам музички спотови за една продуцентска куќа. Значи, дури пет години откако дојдов во Њујорк добив шанса да режирам професионално. Задоволството кратко траеше – после една година, продуцентската куќа не го обнови договорот со мене и се најдов пак на почетокот. И токму тогаш ми пристигна песната „Тенеси“ на „Arrested Development“. Тие беа сосема непознати, ова беше нивна прва песна од првиот албум. Проектот им беше понуден на сите режисери на музички спотови во Њујорк, ама затоа што буџетот на спотот беше минимален, повеќето од нив го одбија. Имав концепт за спотот кој беше спротивен на она што беше во тренд тогаш. Наместо агресивни и насилни урбани рапери, мојот спот ги претстави „Arrested Development“ како фамилија, емоциите беа топли, снимавме на село, во сиромашна куќа, во црне-бело за да го поврземе спотот со мајсторите на уличната фотографија, ама и со периодот на Големата депресија. Потрошив две недели да ги убедам спотот да биде во црно-бело и во моментот кога грамофонската куќа се согласи, веднаш купив црно-бел негатив, да не се предомислат. Снимавме во Атланта, во партизански услови, ама со многу ентузијазам и талент. Знаевме дека создаваме нешто убаво. Кога спотот се појави, беше како експлозија. Стана еден од најпопуларните спотови, го одбраа за „Buzz clip“ на МТВ, беше прогласен за најдобар спот на МТВ, а „Rolling Stone“ магазин го вброи на листата на најдобрите 100 спотови на сите времиња.

И наеднаш, имав лавина од понуди за нови спотови. Таа година снимив повеќе спотови одошто сите режисери во претходната продуцентска куќа заедно.

Тоа што го научив работејќи музички спотови и реклами во Њујорк во тој период беше следново: мораш да умееш да раскажеш приказна без дијалог, само со кинематографски средства. И научив како да работам брзо и ефикасно, како да раководам со филмска екипа, како да планирам професионално, како да се справувам со големи корпорации како Сони или ЕМИ или Атлантик.

  • Дали додека го пишувавте сценариото за „Пред Дождот“ барем на момент помисливте дека филмот ќе доживее толкав успех и ќе ве направи познат?

– Јас секогаш верував дека она што имам да го кажам има вистинска вредност, само е прашање на време и на труд за тоа да биде потврдено.

  • Ја добивате престижната награда Златен лав на филмскиот фестивал во Венеција. Како се чувствувавте во тој момент, на тие години вие влегувате во светот на успеси. Како тоа влијаеше врз вас, дали и колку ве промени?

– Се чувствувам убаво, широко, насмеано… Најпосле се потврди дека сум во право, дека правам вредна уметност, дека сум висок професионалец, дека умеам визионерски да размислувам и творам. Ова ми беше особено мило затоа што процесот беше долг и макотрпен и мачен. Не само „Мусака“ и растоварувањето на камиони на Вол Стрит, туку и правењето на „Пред дождот“ беше многу мачен процес затоа што продуцентите и државата не веруваа во проектот. Македонија се повлече од проектот, па ние почнавме да го снимаме филмот без учество на македонската држава – тие се приклучија дури пред самиот крај. Македонија учествуваше во буџетот со околу 7%. Англиските и француските продуценти не веруваа во проектот. Единствен кој веруваше во него беше директорот на Бритиш скрин, Сајмон Пери. Поради него, а и поради сета мака ми беше особено мило што мојот прв филм имаше глобален успех.

Се разбира дека ќе влијае врз тебе успех преку ноќ, номинација за Оскар, 30 награди, тоа што наеднаш сите холивудски студија ти нудат проекти со холивудски ѕвезди од Бред Пит до Никол Кидман (а до вчера не можеше ни киријата да си ја платиш), тоа што „Њујорк тајмс“ ќе ти го вброи првиот филм во 1.000 најдобри филмови на сите времиња, тоа што за твоето творештво ќе предаваат на стотици универзитети… Ама, работата е во тоа сево ова да не ја истисне вистинската личност. Мораш да бидеш скромен, мораш да бидеш добар, мораш да ги почитуваш вистинските вредности, а не површните… Јас верувам дека останав верен на мојата суштина.

  • Кој ваш филм од „Пред Дождот“ до “Кајмак“ ви бил најпредизвикувачки за работа и реализација?

– Сите беа тешки на различен начин. Никој не веруваше во „Пред дождот“ освен Сајмон, а и тоа беше прва копродукција во Македонија, па тоа го направи многу тежок. „Прашина“ беше тежок затоа што напишав скап, а неконвенционален филм, па потрошив седум години да го снимам, односно шест години да го финансирам (и тоа во време кога секојдневно имав холивудски понуди) и уште една да го снимам и монтирам. Кај „Сенки“ сакав носител на проектот да биде македонски продуцент, ама направив голема грешка во изборот. Јас ги обезбедив и домашните и странски финансии, ама кога требаше да се избере продуцент да го спроведе филмот до крај, згрешив и избрав човек за кој се покажа дека не само што е неспособен, туку е и нечесен, самобендисан лажго и лузер кој ќе го срушеше филмот уште пред да почнеме да снимаме. „Мајки“ и „Бикини Мун“ беа ризичен креативен предизвик, затоа што обата во срцето носат формални иновации. Продукцијата на „Врба“ и „Кајмак“ беа најлесни поради извонредниот продуцент со кој соработував, Јане Ќортошев, ама директорот на Агенцијата за филм имаше свој есап. За него Антикорупциска утврди незаконско работење, а Транспаренси интернешнл поднесе кривична пријава. „Кајмак“ го завршивме пред година и пол, ама Бојан Лазаревски, Игор Шокаровски, Снежана Станковиќ и компанија донесоа незаконска одлука со помош на која сè уште одбиваат да го подмират долгот на Агенцијата за филм кон проектот и кон екипата, а незаконски ја користат и да го блокираат мојот иден проект. Против овој политички прогон се изјаснија и Венецијанскиот филмски фестивал, Меѓународната федерација на филмски критичари, двете здруженија на филмски работници на Италија, Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа (затоа што овој прогон се случува поради тоа што го пријавив за корупција раководството на Агенцијата), а потврда за моите наводи дојде од Антикорупциска, од ДЗР, од Транспаренси, и од самото Министерство за култура. Само владата сите нè игнорира. Ќе излезе дека најтежок за реализација е идниот филм, „Збогум, Копакабано!“ затоа што корумпираните елементи во државата го забранија уште пред да биде снимен.

 

  • Вашето творештво се изучува на бројни универзитети, а и вие самиот сте предавале на постдипломски студии на неколку универзитети. Колку работата со студентите и предавањата ве исполнува и ве прави среќен, и дали сметате дека ова претставува затворање на кругот и е она ултимативно нешто – да се пренесе знаењето и искуството на следните генерации?

– Да, многу ме радува да работам со студенти. Сакам да помогнам, да понудам знаење, да го артикулирам процесот за помлади колеги, да ги насочам, да пренесам занает, да инспирира, па и да научам многу работи од нив. Мене уметничкиот видик ми се прошири кога почнав да предавам на постдипломските студии на Њујоршкиот универзитет затоа што се најдов опкружен со млади, ама мошне талентирани студенти. Можам да се пофалам дека веќе има два Оскари меѓу моите студенти, а последниот филм со Џемс Бонд го режираше мој студент.

  • Слободно може да кажеме дека сте најнаградуван македонски режисер, а секоја ваша награда покажува колку е ценета вашата работа. Важи впечатокот дека секогаш повеќе сте ценети во странство отколку дома. Дали го делите тоа мислење и според вас зошто е тоа така?

– Веројатно поради завист.

  • Неминовно се наметнува прашањето за кој е вашиот омилен филм? А сигурно читателите би сакале да знаат која е ваша омилена книга, каква музика слушате и кој е вашиот омилен бенд?

– Многу ги сакам „Goodfellas“ на Скорсезе, „Среќа“ на Солонц, „Персона“ на Бергман, „Станарот“ на Полански, „Амадеус“ на Форман, „Граѓанинот Кејн“, ама и експерименталните „La Jette“ на Крис Маркер и „Бранова Должина“ на Мајкл Сноу. Читам сè од Лери МекМуртри, Ени Пру, Апдајк, Кундера, и многу ме радуваат. Кога ќе наидам на вистински уметници, тоа е најубавото чувство што жив човек може да го почувствува… Тина Бауш, Роберт Раушенберг, Николас Џар. Слушам сè – од Крафтверк до Нусрет Фатех Али Кан, од Аша Бозле до Тери Рајли и Бах и стар фанк…

  • Вашата нова книга „Манчевски: пет есеи“ ја промовиравте неодамна, односно на почеток на месецов, на 1 февруари. Прекрасен настан, проследен со проекција и музичка програма. Прекрасна дружба со урбани ликови и доказ дека Скопје сеуште „живурка“, сака и знае да цени култура и уметност. Дали се согласувате со ова и како вие си поминавте на промоцијата?

– Се согласувам дека беше прекрасно да се видат толку многу убави луѓе на едно место привлечени од благороден настан. Јас си поминав како на мал облак, иако во принцип бегам од тоа кога на едно место се собираат многу луѓе да ја проследат мојата уметност. Срамежлив сум и повеќе сакам дружба еден на еден.

  • Продолжете да бидете гордост на сите нас. Ни беше чест и привилегија и Ви изразуваме огромна благодарност што се одлучивте да одговорите на прашањата од редакцијата на Екран. Ви посакуваме уште многу успеси.

– Фала ви вам. Поздрав,

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …