Пред неколку дена љубителите на филмот беа шокирани од веста дека Брус Вилис се повлекува од актерството поради афазија, јазично нарушување кое влијае на говорот и разбирањето.
Афазијата најчесто е резултат на тумор на мозокот, срцев удар или тешка повреда на главата, а пријателите на Брус веруваат дека ова последното би можело да биде причина за тешката состојба на познатиот актер, пишува Daily Mail.
На сетот добил удар во главата
Во написот на Guardian од 2004 година се наведува дека актерот бил погоден во челото од „проектил“ на снимањето на филмот „Солзите на сонцето“ (Tears of the Sun). Несреќата се случила поради пиротехничка детонација извршена од тимот за специјални ефекти.
Во таа прилика, Вилис го тужел студиото Revolution за нанесување „екстремна ментална, психолошка и емоционална болка“. Филмот е снимен во 2002. година, а семејството и пријателите на актерот веруваат дека тој и денес може да ги почувствува последиците.
Афазијата е сериозно нарушување
Инаку, афазијата е сериозно нарушување што го спречува пациентот да комуницира нормално. Оваа комуникација не е попречена од некои механички нарушувања: болниот сè уште може правилно да ги изговара гласовите, но не може точно да ги артикулира своите мисли, а во некои случаи дури и не може да го разбере говорот на другите.
Афазијата е сликовито прикажана во една епизода од популарната серија Доктор Хаус. Пациент кој боледува од афазија ја повторува реченицата „Не можев да ја совладам мечката“, а тоа всушност значи дека не можел да се справи со своето биполарно растројство.
Но, наместо да го најде вистинскиот израз, пациентот користел далечна асоцијација на двата поима (поларна мечка – биполарно растројство) и на тој начин се обидел да објасни во што е проблемот.
Фото: Принтскрин/YouTube