Денес роденден слави нашиот познат музичар Кокан Димушевски

Никола – Кокан Димушевски е познат македонски музичар, клавијатурист, познат како член на бендот Леб и сол. Роден е на 26 април 1958 година во Скопје.

Кокан Димушевски првото посериозно музичко претставување го има во групата Леб и сол каде што активно учествувал во реализација на студиските албуми: Леб и сол, Леб и сол 2 и Ручни рад. Со групата како гостин соработувал и на албумите и: Звучни зид, Путујемо како и на живиот проект Live in New York.


Во 1979 година, додека уште бил член на Леб и сол, Кокан Димушевски се вработува во Забавниот и ревискиот оркестар на Македонска радио-телевизија, интересирајќи се повеќе за другите музички форми (најмногу за џезот), различни од она што го работеше неговиот матичен состав.

По напуштањето на Леб и сол, Кокан Димушевски стана првиот од четворката да издаде свој соло албум. Така, во 1993 година, под закрила на сопствената Аура рекордс го промовираше албумот Double Life, каде ги отсвири сите инструменти: клавијатури, акустичното пијано, тапани, перкашн, хармоника, а беше задолжен и за вокалите, аранжманите и продукцијата на сопствените композиции, како и за обвивката на албумот. Истата година во сопствена режија го објавува и проектот Music for… каде се најдоа неговите применети теми (претежно работени за потребите на театарските претстави). Над шеесет минутната музика повторно ја напиша и ја отсвири сам, единствено во одделни теми му помогнаа Зоран Јовановиќ – Лима (саксофон и кларинет) и Ангеле Димовски (кавал).


Од концертот одржан на 18 јануари 1994 година во Домот на АРМ во Скопје година дена подоцна се појавува живиот албум Никола Димушевски – live, каде гостуваа: Зоран Јовановиќ, Гоце Мицанов, Игор Атанасовски, како и поранешните членови на Леб и сол: Бодан Арсовски и Гарабет Тавитјан. Во 1997 година, со помош на Македонски Олимписки Комитет го објавува проектот Октоехос најамбициозниот во неговата досегашна кариера. Се работи за црковна музика, обоена со благи клавијатуристички и гитарски пасажи, во која доминира машкото пеење. Во меѓувреме Кокан концертирал на многу домашни и странски сцени изведувајќи ги своите музички инсталации и перформанси. Како концертен промотер на светскиот музички гигант Yamaha за овој дел од светот, на лимитираната едиција на оваа фирма партиципираат и неколку музички теми на Кокан Димушевски.

Кокан во својата кариера соработувал со многу изведувачи и групи. Се издвојува учеството во Лабиш трио како и соработката со Бодан Арсовски на неговите проекти Недоглед и Скршени ритми, како и аранжманските и продукциските интервенции во песните на многу домашни интерпретатори и состави. Од 2000. година Кокан Димушевски се најде на раководните места во Продукцијата при МТВ, а во 2001 година стана директор на Скопскиот фестивал, под чие водство во 2002 македонската музичка делегација настапи на Евросонг во естонскиот град Талин.


Во 2023 година Димушевски добил Орден за заслуги за Македонија поради придонесите кон македонската музика во состав на „Леб и сол“.

Среќен роденден Кокан, ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден слави нашиот поранешен борач, освојувач на два бронзени медали на Олимписките игри Шабан Сејдиу

Шабан Сејдиу е роден е на 6 мај 1959 година во Блаце, општина Чучер-Сандево, Скопје. …