(ВИДЕО+ФОТО) Влатко Стефановски: Акустична концертна промоција на „Мајчин јазик“

Во ноември 2017. година, Влатко Стефановски го објави албумот „Мајчин јазик“, како издание на „Кроација рекордс“. Ова е првиот акустичен албум во неговата кариера, и веднаш по издавањето се здоби со неподелени позитивни критики од балканските музички критичари и медиуми.
На 17. март 2018. година, ќе биде организиран концерт на кој за првпат пред македонската публика ќе биде претставен албумот „Мајчин јазик“. Концертот ќе биде заокружување на еден артистички период и израз во кариерата на Стефановски.
„Мајчин јазик“ доаѓа три години по неговиот последен албум „Сеир“, но за разлика од него, новиов донесува девет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“. Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.
Меѓу другите песни се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и Есма Теодосиевски.
Инаку, албумот „Мајчин јазик“, доаѓа со интересна насловната страница, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој. Оваа слика што датира од доцните 1940-ти, му дава на албумот посебна емоционална вредност, а исто така упатува и на инспиративно уметничко опкружување во кое Влатко Стефановски созревал како музичар и уметник.
Специјални гости на концертот ќе бидат балканската етно-дива Биља Кртсиќ и членовите на групата „Љубојна“, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски. Концертот ќе се одржи во големата сала на Македонсктата филхармонија во Скопје.
Билетите се пуштени во претпродажба преку „Купи карти за се’“.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Среќен роденден Сашко Пандев !!!

Сашко Пандев е роден на 1 мај 1987 година во Струмица. Тој е поранешен македонски …