Уште едно признание: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ со награда од Советот на Европа

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ја доби престижната „Одисеј“ – награда за Човекови права на Советот на Европа (Odyssée Conseil de l’Europe aux Droits de l’Homme).
Жирито на настанот „Европски кино ѕвезди и платно“ составено од 10 амбасадори во Советот на Европа, заменик-генералниот секретар на Советот на Европа, директорот на кабинетот на генералниот секретар на Советот на Европа и извршниот директор на „Еуроимажс“, Роберто Ола, ја додели наградата на македонскиот филм „… Петрунија“, нарекувајќи го величенствен филм.
Еднаш годишно, а веќе по деветнаесети пат, Советот на Европа ја доделува оваа награда.


„Одисеј“ наградата се доделува за две категории и тоа за особена уметничка креација и за човекови права.
Минатогодишниот добитник за уметничка креација е големиот турски режисер, Нури Билге Чејлан, за филмот „Дивата круша“ во кој Македонија беше копродуцент преку продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, а годинава оваа награда ја доби Павел Павликовски за неговиот филм „Студена војна“.
На вчерашната свечена церемеонија во киното „Одисеј“ во Стразбур наградата ѝ беше врачена на режисерката Теона Стругар Митевска и беше организирана вечера со авторот и амбасадорите од Советот на Европа.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …