Систематски археолошки истражувања, тековно одржување и конзервација на движни наоди од локалитетот Скупи

Од 5 мај започнуваат активностите поврзани со тековно одржување и систематски археолошки истажувања на две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време кај нас. Исто така, ќе почне и непосредната заштита/ конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на музејска дејност и заштитата на недвижното културно наследство на Министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на ЈУ Музеј на град Скопје.

Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум), кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта –  римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.


Исто така, под водство на Ленче Јованова – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana)  и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век.


Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години. Покрај тоа, ќе се преземаат активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот (физичко обезбедување и одржување на локалитетот Скупи), се одвиваат во текот на целата година.

Сиве овие активности (проекти) се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на ЈУ Музеј на град Скопје (т. н. Археолошки парк Скупи). Проектите ќе се реализираат во периодот од 5 мај до 30 декември годинава.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …