РЕЦЕНЗИЈА: Samsung Galaxy S23 FE – перформанси верни на врвната S23 серија, но со попристапна цена

На почеток од месецов Samsung го претстави и кај нас очекуваниот модел на телефон Galaxy S23 FE. Линијата FE (Fun Edition) всушност треба да претставува телефони кои според квалитетот на корисничкото искуство и перформансите се подобри од средна класа на телефони, но сепак се разликуваат од класата на премиум телефони, нешто измеѓу А серијата и S серијата на Samsung. Така е и со S23 FE – тој припаѓа на врвната, премиум серија S23, но со одредени разлики во некои перформанси на сметка на подостапна цена за корисниците.

Прво нешто што се забележува кај овој телефон кога ќе го земете во рака е тоа што е малку потежок, а големината на екранот е во рамките на очекуваното.  Станува збор за 6,4-инчен Dynamic AMOLED 2X екран со прилагодлива брзина на освежување од 60 до 120 Hz, со резолуција од 1080p, стакло Gorilla Glass 5 и алуминиумска рамка со 8 GB RAM што се очекува во оваа класа.


Со димензии 76,5 x 158,0 x 8,2 mm и тежина од 209 грама, Galaxy S23 FE е изненадувачки малку подолг, повисок и потежок од 6,6-инчниот Galaxy S23+, и со малку пошироки рабови на екранот.  Сепак, ова навистина нема негативно влијание при ракувањето со телефонот, ниту пак го спречува Galaxy S23 FE да припаѓа на стандардот на дизајнот на телефоните од серијата S23.  Гледањето на самиот дисплеј е одлично, со јасни бои, високи контрасти и длабока црна боја. Со 1.450 nits, иако максималната осветленост е малку помала од другите модели S23, сепак без никаков проблем екранот испорачува одлични видео содржини и на дирекна изложеност на сончева светлина, а како и сите модерни телефони, има IP68 заштита од вода и прашина.


Перформансите на камерите се најголемата предност во однос на конкуренцијата во класата


Фотографирано со Galaxy S23 FE

Можеби како најпозитивна карактеристика на овој телефон е одличниот баланс меѓу камерите и сите извонредни слики кои можете да ги сликате и видеа да ги снимате. На задната страна од телефонот ќе ги забележите трите камери – ултра широката камера од 12MP , широкоаголната камера од 50MP и телефото камерата со 3х оптички зум од 8MP, како и селфи камерата на предната страна од телефонот.  Фотографиите од главната ултра широка камера се одлични во различни услови на осветлување. Динамичкиот опсег е широк, контрастот одличен, а понекогаш може да се случи сликите на телефонот да изгледаат и малку попривлечно отколку во природата.

Фотографирано со Galaxy S23 FE

 

Дури и во услови на слаба осветленост, посебниот ноќен режим на камерата одлично си ја врши работата, па така фотографиите се со изненадувачки добра репродукција на бои и добар контраст. Широкоаголната камера дава прилично широка рамка во споредба со главната. Динамичкиот опсег е одличен, покрива се што е потребно, создавајќи многу добри фотографии од овој тип, како и количината на детали, со одлично намалување на шумот.

Телефото камерата има 3x оптички зум, што е сосема доволно за сериозно зголемување во однос на другите две. Квалитетот е изразен со добар динамички опсег, бои блиски до оние на главната камера, при што ноќните фотографии со 3x зум се контролираат автоматски и телефонот ќе избере да ја користи снимката за скратување на главната камера многу почесто, особено кога нема многу светлина во кадарот. Сепак, со доволно светлина, S23 FE ќе користи објектив за вистински зум, а сликите се помогнати и од оптичката стабилизација.

Селфи камерата е исклучителна и една од најдобрите селфи камери на телефоните денес, и иако можеби нема голем динамичен опсег, сепак ќе го покаже вашето лице што е можно подобро, понекогаш жртвувајќи дел од позадината, што е сосема очекувано и за пофалба.

Фотографирано со Galaxy S23 FE

Накратко кажано, кога станува збор за системот на камери, Galaxy S23 FE можеби ги поседува најдобрите перформанси во однос на цената, за да направите идеални фотографии и видеа.

Exynos 2200 чип, моќен процесор, ONE UI 6 интерфејс

Кога станува збор за перформансите, Samsung за Galaxy S23 FE го искористи минатогодишното решение Exynos 2200 кој е најдобриот Exynos чип досега. Моќниот процесор одлично функционира при гејмање и стримање контролирајќи ја температурата на уредот и одржувајќи ги перформансите. Батеријата од 4500 mAh се покажа долготрајна и се полни до 50 проценти за само 30 минути со адаптер од 25 W. Чипсетот е потпомогнат од 8 GB RAM, и може да се избере помеѓу конфигурации со 128 или 256 GB простор за складирање, без можност за нејзино проширување со microSD картичка. Поддржува секако 5G брзина на интернет и има поддршка за две SIM картички.

Интерфејсот е веќе добро познатиот, со одредени модификации за One UI 6 интерфејс, како  новиот изглед на центарот за известувања со брзите поставки и новиот системски фонт кој изгледа почитлив.

Технички спецификации:

Samsung Galaxy S23 FE

 

Екран 6.4-инчен FHD+ (1080 x 2340 пиксели); 403 ppi

Динамичен AMOLED 2X екран

Стапка на освежување 120Hz,

HDR10+, 1450 нита осветленост

Corning Gorilla Glass 5

Димензии и тежина                      158 х 76.5 х 8.2 мм, 209 грама                  

 

 

Чипсет                                                  Exynos 2200 (4 nm)
   Камера

Главна: 50 MP, f/1.8, 24mm (wide), PDAF, OIS
Телефото: 8 MP, f/2.4, 75mm (telephoto), PDAF, OIS, 3x оптички зум
Ултраширока: 12 MP, f/2.2, 123˚ (ultrawide)
Селфи: 10 MP, f/2.4, 26mm (wide)

 

Меморија                                       8GB RAM + 128GB, 8GB RAM + 256GB

 

Батерија                                           Li-Ion 4500mAh
Полнење                                          15W безжично
25W жично (50% за 30 мин.) 
OS                                                  Android 13 / upgradeable to Android 14, One UI 6 
Мрежа и поврзување               Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/6e, dual-band, Wi-Fi Direct

Bluetooth 5.3, A2DP, LE

GPS, GLONASS, GALILEO, BDS

NFC: ДА

USB Type-C, OTG

Безбедност                                Ултразвучен скенер за отпечатоци под екранот 
Водоотпорност                            IP68 до 1.5 м до 30 мин
Оцена                                          5/5

 

Изработил: Тони Иваноски

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре, 17.05.2024 година, во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Последниот ден од работната недела може да биде еден од постресните за Овенот. …