ПРОМОВИРАНА СТИХОЗБИРКАТА „ СОНЧЕВИНА” НА ПОЕТЕСАТА МАРИНА ЦВЕТКОВСКА СТАНКОВСКА

Во свечена атмосфера посветена на поетското творештво , синоќа во ЛУ Градски музеј Крива Паланка беше промовирана првата поетската стихозбирка “Сончевина” на поетесата Марина Цветковска Станковска.

Во стихозбирката е застапена љубовна поезија, а на промоцијата песни од поетската книга читаа членови на ЛК „Калин” кој работи при НУ Центар за култура Крива Паланка.


“Сончевина” не е само збирка на стихови, туку вистинска ода на љубовта. Во секој стих Цветковска Станковска ги предизвикува емоциите и сетилата на патот кон срцето. Моментите на искажана љубов, болка, радост и сакање се прелеваат на страните на книгата, воспевајќи ја темата која е вечна инспирација за уметноста.

„Македонската поетска ризница се збогатува со уште еден веќе созреан автор. Поезијата на Марина дојде тивко и ненаметливо за да еруптира во нашите срца, за да не потсети на најдрагоцената вредност во нашиот живот-љубовта, и да ни ги стопли нашите души во овие пролетни дождливи денови. Секако, тука е и безусловната мајчинска љубов , опеана во стиховна сончевина по која е насловена и поетската книга”, истакна Оливера Станковска, промоторка на делото.


Авторката Цветковска Станковска им се заблагодари на присутните и на ЛУ Градскиот музеј, а воедно најави во блиска иднина и повеќе нови дела што се во подготовка.

Поетската книга „Сончевина” се продава по симболични 100 денари, а средствата се наменети за фондот за купување концертен клавир за Крива Паланка.


Марина Цветковска Станковска твори и пишува долги години и зад себе веќе има над 300 песни кои се необјавени. Застапена е во многу зборници, антологии и на литературни настани во земјава и странство, а се занимава и со креативна уметност, меѓу која особено се издвојува техниката цртање на огледало.

Цветковска Станковска е долгогодишен член на ЛК „Калин” при НУ Центар за култура Крива Паланка, а активно членува и во КУЗ „Фолклористи” и Планинарското друштво од Крива Паланка.

Настанот е дел од програмата на „Крива Паланка- Град на културата 2024″.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден прославува нашата истакната актерка Јоана Поповска

Јоана Поповска е родена во Битола на 18 јуни 1943 година. Таа е македонска театарска, …