Промоција на куси едукативни видеа – Испреплетени истории

Во џебното кино на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во сабота 25 ноември 2023 година, во 19.00 часот, во организација на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) ќе се одржи промоцијата на пет куси едукативни видеа изработени со помош на концептот на „испреплетена историја“.

На настанот, ќе бидат прикажани петте подготвени видеа, проследени со отворена дискусија на која ќе учествуваат историчарот Дарко Стојанов (во својство на главен консултант во подготовката на видеата) и историчарката Ивана Хаџиевска. Разговорот ќе го води Јован Близнаковски.


Концептот на „испреплетена историја“ е историографски концепт кој поаѓа од меѓу-културна перспектива и идеја за меѓусебната поврзаност на општествата, групите и индивидуите; како и другите „типични“ единици на анализа во историската наука: нациите, империите или цивилизациите. Како таков, овој концепт често доаѓа во судир со концептот на „национална историја“, кој, од друга страна, ја истакнува меѓусебната разделеност и специфичност. Клучни предности на историското истражување кое се потпира на концептот на „испреплетени истории“ е што овозможува критички преглед на историските настани, неоптоварени од националните митови и историски канони. Таквиот пристап не доведува до толкувања кои доследно ги земаат предвид временските и просторните контексти на предметот на истражување, на сметка на толкувањата кои однапред претпоставуваат насочување на историските текови кон современите национални каузи.

Соочени со апсолутната доминација на концептот на „национална историја“ во нашата историска наука и јавна сфера, како и од честата злоупотреба на историските толкувања за современи политички цели, ЦИНИК работеше во текот на 2023 година на популаризација на концептот на „испреплетена историја“ во Република Северна Македонија. Плод на оваа работа се пет куси видеа на неколку историски „провокативни“ теми: животните приказни на Григор Прличев и Тодор Паница, дејноста на учителките Недела и Станислава Петкова, продукцијата на списанието „Македонка“ во повоениот период и споделениот религиски храм „Св. Никола / Хад’р Баба“ во Македонски Брод. Петте екранизирани приказни соодветно ја прикажуваат испреплетеноста на историските текови меѓу повеќе национално разделени општества на Балканскиот полуостров, понудувајќи им свежи перспективи за минатите историски настани на едукатор(к)ите, истражувач(к)ите, експерт(к)ите, учениците/чките, студент(к)ит и општата јавност.


Подготовката на едукативните видеа и нивната промоција е организирана од страна на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) во рамки на проектот „Испреплетени истории: јавна промоција и препознавање“, финансиски поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден прославува нашата истакната писателка Кристина Николовска

Кристина Николовска е родена на 17 мај 1969 година во Скопје. Таа е македонски поет, …