За да опстане бракот потребно е многу љубов, но и разбирање и меѓусебно почитување. Речиси и да нема брак во кој партнерите не се расправаат одвреме-навреме, но некои видови на однесување можат сериозно да го загрозат.
Проверете дали ги правите овие грешки.
Критикување
Критиката е вид на комуникација во која едната страна ги гледа животните или љубовните проблеми како недостаток на карактерни црти кај партнерот. Тие обично започнуваат со зборовите „секогаш“ или „никогаш“, а се однесуваат на она што партнерот го прави или не го прави.
Се разликува од жалењето што е нормален и здрав аспект на врската. Ако никој никогаш не се пожали, со текот на времето ќе се акумулира незадоволството и неговата ескалација. Жалбите се насочени кон вистинскиот проблем, кој на тој начин може да се реши.
На пример, критиката би била: „Многу сум уморна и никогаш не ти е гајле за тоа. Секогаш оставаш неизмиени садови во мијалник”! Приговорањето би звучело вака: „Многу сум уморна на крајот од денот и фрустрирана сум од мијалник полн со валкани садови“.
Одбранбен став
Одбранбениот став е реакција на критиката. Ако едниот партнер заземе одбранбен став, другата страна ќе верува дека тој/таа не ги слушнал/а неговите/нејзините потреби. Тоа нема добро да се одрази на врската, а можно е да ги зголеми критиките.
Одбранбениот став може да се изрази на неколку начини. Преку претерано објаснување: „Па, ќе ги измиев садовите, но кога почнав да ги мијам, ми снема детергент, а потоа отидов до продавница и…“, преку менталитет на жртва: „Секогаш си толку злобна кон мене!“.
Може да има контракритика: „Ќе почнам да ги мијам садовите кога ќе почнеш подобро да се грижиш за дворот. Секогаш го игнорираш тоа“ или: „Знам дека садовите не се измиени, но не можеш ли барем вечерва да го игнорираш тоа?”.
Наместо одбранбен став, подобро е да се преиспита целата ситуација и да се преземе одговорност за дел од проблемот, дури и тој дел да бил многу мал.