Објавен шестиот том од серијата за кинеската класична мисла

„Македоника литера“ деновиве го објави шестиот том од серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“, двојазично – на македонски и на англиски јазик. Првите во пет тома од серијата беа објавени во почетокот на годинава.
Оваа серија ги содржи најсуштинските мисли, концепти и фрази кои во период од неколку милениуми ги создал кинескиот народ и кои и денес се од суштинско значење за кинеската филозофија, хуманистичкиот дух, начинот на размислување и вредностите. Овие концепти и изрази се одраз на мудроста на кинескиот народ, на неговата длабока духовна потрага, како и на длабочината и широчината на неговата мисла. На кинескиот народ денес тие му служат како клуч за подобро разбирање на еволуцијата на својата древна филозофија и на развојот на својата литература, уметност и историја. За другите народи, пак, овие концепти ја отвораат вратата за разбирање на духовниот свет на современа Кина и на кинескиот народ.
Ова е серија за кинеските мудрости, односно цитати и појаснувања од кинеската класична мисла кои се однесуваат на класичната кинеска филозофија, литературата, уметностите, културата, историјата и традицијата, односно серијата претставува сублимат од сето тоа, а од којшто може многу добро да се запознае кинеската цивилизација. Овие „Клучни концепти на кинеската мисла и култура“, всушност, го даваат клучот на прашањето зошто кинеската цивилизација е најдолгата жива цивилизација и зошто и денес е многу моќна и просперитетна.

Секој том содржи по сто клучни мисли, за кои се дадени концизни и прецизни објаснувања, а потоа се поткрепени со цитати поврзани со тие клучни мисли. Доминира старокинеската мудра мисла. Освен предговор на три јазици (македонски, кинески и англиски), секој том содржи и прилози: список на клучните мисли, куса хронологија на кинеската историја.
„Македоника литера“ овој проект го реализира во соработка со пекиншкиот издавач ФЛТРП, еден од трите најголеми кинески издавачи. Предвидено е проектот да има девет тома. „Македоника литера“ ќе ги објави и останатите три тома набргу по објавувањето на оригиналните изданија.
Оваа серија, освен на англиски, се преведува уште на повеќе од десет јазици, а во Кина и во некои земји веќе станаа бестселер.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …