СКОПЈЕ, 26.07.2023: Во недела, 30. јули, македонскиот камерен оркестар „Профундис“ заедно со виртуозната пијанистка Ема Попивода како солист ќе настапат на интернационалниот музички фестивал „КоторАрт“ во Котор, Црна Гора.
Ова е уште едно во низата интернационални гостувања на „Профундис“ ова лето, по спектакуларниот настап на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија.
– „Навистина сме среќни што ја имаме честа да го споделиме нашето музичко творење со публиката во Црна Гора. Фестивалот „КоторАрт“ ги спојува најпрестижните уметници како од регионот, така и од светот и важи за фестивал со реноме, па затоа поканата да бидеме дел од официјалната програма претставува вистинска чест и задоволство и несомнено значаен момент во нашата уметничка кариера.“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку, фестивалот „КоторАрт“ со своето 21-годишно постоење се смета за еден од најголемите и најзначајните фестивали на уметноста во Црна Гора и регионот. Секоја година фестивалот е домаќин на впечатлив број меѓународни уметници, а со над 200 програми на различни локации во Котор и заливот Бока Которска, привлекува милиони посетители, со што е еден од најпосетуваните фестивали во регионот.